Со градски воз од Зелениково до Скопје ќе се стига за 25 минути, а од Драчево за 11 минути
Првата фаза на градскиот воз, од Зелениково до Скопје, во должина од 25 километри се очекува да биде во функција за половина година. Веќе следната година се планира да почне да се проектира и да се изведува втората траса од градскиот воз, од Волково, Ѓорче Петров, преку Скопје Север и да заврши до Железничка станица Скопје, а од 2027 година да биде и последниот дел на делницата Миладиновци – Илинден – Скопје
Од Железничката станица во селото Зелениково до таа во центарот на Скопје ќе се стига за 25 минути. Од станицата во Драчево до главната железничка станица во градот, пак, ќе бидат потребни од 11 до 13 минити, предвидува проектот „Градски воз“, за чија прва фаза од реализацијата денеска информира директорот на Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“, Синиша Ивановски. При увидот на ремонтните активности, присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Ивановски и новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Според Ивановски, денеска се промовираат два паралелни проекта кои се од круцијален интерес за инфраструктурата во железници во државата.
Главниот проект е почеток на ремонтот на градскиот воз, кој е од есенцијално значење на транспортот на Град Скопје, бидејќи, како што додаде, сите сме сведоци дека ситуацијата со сообраќајниот хаос во главниот град се зголемува.
Веќе следната година се планира да почне да се проектира и да почне да се изведува втората траса од градскиот воз, од Волково, Ѓорче Петров, Скопје Север и да заврши до Железничка станица Скопје, а од 2027 година да биде и последниот дел, делницата Миладиновци – Илинден – Скопје.
Посочи дека се почнати и ремонтните активности на делницата од Драчево до Илинден, во должина од 7,7 километри, што ќе биде исклучиво за товарен превоз.
Работите на двете делници се очекува да бидат завршени за половина година.
Како што најави, двете делници се електрифицирани, што е важно зашто дизел возовите нема да влегуваат во Скопје.
Договорот за ремонтот на делницата Драчево – Илинден е три милиони евра, а 5,7 милиони евра е вредноста на реконструкцијата на делницата Зелениково – Скопје.
Според новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, Градот Скопје ќе се вклучи логистички во овој процес, како и дека новите точки ќе се адаптираат со автобусите на ЈСП, со цел да нема чекање од страна на граѓаните.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека на овој начин, не само што ќе се растовари метежот во сообраќајот, туку со овие проекти ќе се намали емисијата на штетни честитки во воздухот.
[https://360stepeni.mk/so-gradski-voz-od-zelenikovo-do-skopje-ke-se-stiga-za-25-minuti-a-od-drachevo-za-11-munuti/]