ТИРЗ-компаниите во 2025: Дел од фабриките со пад на вработеноста, Дура Аутомотив и Гентерм со најголемо намалување на работната сила




Податоците што ги обезбеди Фактор, а се преземени од Централниот регистар, покажуваат различна деловна динамика кај компаниите што работат под дирекција на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) во 2025 година. Анализата на бројот на вработени, приходите и добивката упатува на јасни разлики меѓу фабриките, и во кадровска смисла и во финансиските резултати.
Кај вработеноста, најголем процентуален пад бележи Дура Аутомотив, каде бројот на работници е намален за 78 отсто, а компанијата ја завршува годината со само 14 вработени, а за овој инвеститор веќе се пишуваше дека ќе си замине од земјата. По неа следува Гентерм Северна Македонија со пад од 18 отсто, но со 2.226 вработени и натаму останува најголем работодавач во оваа група.
Пад кај бројот на работници има и кај ОДВ-Електрик со 14 отсто, Џонсон Мети со 12 отсто, како и Ван Хоол Македонија со 11 проценти. Намалување на бројот на вработени е регистрирано и кај АРЦ Аутомотив Македонија, Леар Корпорејшн Македонија, Аптив Сервисес Македонија и Кемет Електроникс Македонија.
Во истата година, дел од компаниите бележат раст на вработеноста. Најизразен е кај ВИК Македонија, со 27 отсто, по што следуваат Костал Македонија со 8 отсто, Џојсон Сејфти Системс Македонија со 3 отсто, Магна Мирорс Саут-Ист Јуроп со 2 отсто и Адиент Ситинг со 1 процент.
Падот кај дел од компаниите може да се поврзе со состојбите во автомобилската индустрија, каде европскиот пазар се соочува со послаба побарувачка, силна конкуренција од кинеските производители и нови трговски бариери. Дел од производителите и добавувачите работат во услови на повисоки трошоци и неизвесни нарачки, што влијае врз производството и вработеноста. Во таква средина, промените се чувствуваат и кај компаниите во ТИРЗ што се дел од автомобилскиот синџир. Влијание на падот на вработеноста кај други, како на пример Ван Хол, имаат и новонаметнатите царински стапки од САД.
Според приходите, убедливо на врвот е Џонсон Мети со 107,06 милијарди денари, односно околу 1,74 милијарди евра. На значително растојание зад неа се Костал Македонија со 15,02 милијарди денари или околу 244,2 милиони евра, Ван Хоол Македонија со 14,55 милијарди денари или околу 236,6 милиони евра, како и Магна Мирорс Саут-Ист Јуроп со 10,64 милијарди денари, односно околу 173,1 милиони евра.
Во групата компании со повисоки приходи се и Леар Корпорејшн Македонија, Џојсон Сејфти Системс, Гентерм и Кемет Електроникс.
Сличен распоред има и кај добивката. Џонсон Мети ја завршува 2025 година со 4,49 милијарди денари добивка, што е околу 73,2 милиони евра. По неа следуваат Ван Хоол Македонија со околу 19 милиони евра, Магна Мирорс Саут-Ист Јуроп со 13,4 милиони евра и Костал Македонија со 7,6 милиони евра. Добивка прикажуваат и Леар Корпорејшн Македонија, Кемет Електроникс Македонија, Гентерм Северна Македонија, ОДВ-Електрик, Џојсон Сејфти Системс, Адиент Ситинг и ВИК Македонија.
Со загуби се Дура Аутомотив, Аптив Сервисес и АРЦ Аутомотив. Кај Дура Аутомотив е евидентирана загуба од над 1,04 милијарди денари, или околу 16,9 милиони евра, што е најслаб резултат во анализираната група. Аптив Сервисес Македонија ја завршува годината со загуба од околу 63 милиони денари, а АРЦ Аутомотив Македонија со минус од околу 57 милиони денари. Вкупната слика покажува дека 2025 година донела различни трендови кај компаниите во ТИРЗ. Дел од нив ја намалуваат вработеноста, дел го зголемуваат бројот на работници, а финансиските резултати се движат од висока профитабилност до загуби. Најголемиот број вработени е кај Гентерм, највисоките приходи и добивка се кај Џонсон Мети, додека најголем раст на вработеноста има ВИК Македонија.
[https://faktor.mk/tirz-kompaniite-vo-2025-del-od-fabrikite-so-pad-na-vrabotenosta-dura-automotiv-i-genterm-so-najgolemo-namaluvanje-na-rabotnata-sila-]