Од руината на „Технометал Вардар“ до хотел со пет ѕвезди, што покажуваат бројките за „Блисс Палаце“


Зградата на поранешен „Технометал Вардар“ на улица Македонија во центарот на Скопје со години важеше за еден од највидливите запуштени објекти во градот. Денес, на истата адреса е регистриран хотелот „Блисс Палаце Скопје“, категоризиран со пет ѕвезди.
Зад „Блисс Палаце ДОО Скопје“ стои бизнис поврзан со семејството Буши, познато во јавноста по продавници за накит и по хотелскиот сектор преку „Буши Ресорт и Спа“ во Старата скопска чаршија. Во регистарот на категоризирани хотели, „Буши Ресорт и Спа“ е заведен како хотел со 5* супериор, а „Блисс Палаце Скопје“ како хотел со 5*.
Финансиските податоци за првата целосна година од работењето, 2025 година покажуваат дека „Блисс Палаце“ на улица Македонија во центарот на Скопје, остварил приходи од околу 1,10 милиони евра. Расходите биле околу 996 илјади евра, а добивката околу 91,3 илјади евра. Хотелот има 15 вработени.
Тоа значи дека хотелот заработил повеќе од еден милион евра, но на крајот му останале околу 91 илјада евра чиста добивка. Со други зборови, најголемиот дел од приходите бил потрошен за тековни трошоци.
Паралелно е регистрирана „Гарден Блисс ДОО Скопје“ уште една фирма поврзана со работењето на хотелот, поточно спа услугите. Ова фирма има 3 вработени. Таа во 2025 година имала приходи од околу 111,6 илјади евра, расходи од околу 138 илјади евра и загуба од околу 27,7 илјади евра. Сепак ова е нецелосна година, бидејќи се отвори во текот на минатата година.
Овој дел од бизнисот засега ја намалува вкупната заработка. Ако се гледаат заедно „Блисс Палаце“ и „Гарден Блисс“, вкупните приходи за 2025 година се околу 1,21 милион евра, додека нето резултатот по загубата на спа фирмата е околу 63,7 илјади евра во плус.
Во регистарот на категоризирани хотели, хотели со 5 ѕвезди и 5 ѕвезди супериор во Македонија се вкупно 25. Тоа се: „Хилтон“, „Холидеј Ин“, „Гранд М“ односно „Мериот“, „Парк“, „Аурора Ресорт и Спа“, „Скај“, „Принцесс Груп“, „Александар Палас“, „Аполонија“, „Инекс Олгица“, „Њу Стар“, „Фламинго“, „Гардениа“, „Арка“, „Буши Ресорт и Спа“, „Горан Пандев“, „Лимак“, „Изгрев“, „Радика Ресорт“, „Блисс Палаце Скопје“, „Хилтон Скопје“, „Ардиа“, „Холидеј Ин“ и „Ембла“.
„Буши Фешн“ ја купи зградата на поранешен „Технометал Вардар“ откако објектот беше ставен на продажба по стечајот на компанијата и поради обврски кон Комерцијална банка. Подоцна беше објавено дека семејството Буши, заедно со турски инвеститор, планирало околу 6 милиони евра за претворање на зградата во хотел.
Пред реконструкцијата, објектот беше една од највидливите руини во центарот на Скопје. Зградата беше незаштитена, во неа влегувале луѓе, се вадеше сè што има вредност, беше обиен влезот, а се корнеа и делови од покривот и лимот.
[https://faktor.mk/od-ruinata-na-tehnometal-vardar-do-hotel-so-pet-dzvezdi-shto-pokazuvaat-brojkite-za-bliss-palace]