Некои вести во врска со почетоците на изградбата и значењето на подземната сообраќајница
05 Јуни, 2019
Значењето на изградбата на подземната улица од Лимак, за Скопје и неговите граѓани?



Зголемувањето на популацијата, урбанизацијата, потрошувачката, густината на населението, глобализацијата, комуникацијата, консумеризмот и другите трендовиво денешно време, укажуваат на сè поголема комплексност на човековото живеење.Нашиот главен град Скопје, сега веќе се вбројува во групата т.н. компактни градови,кој се одликува со висока густина на луѓе по единица површина, град кој наметнува потреба од внимателно уредување на просторот, економично и одржливо искористување на земјиштето и еден или повеќе масовни центри за вработување.
Критичарите на компактните градови забележуваат штетни ефекти од поинтензивниот развој, вклучувајќи го и зголемениот сообраќајен метеж, намаленото достапно домување и повисоката потрошувачка. Токму во такви услови, кога надземно и не може да има квалитетен развој на гардот, подземниот развој нуди можности за поефикасно и поефективно користење на достапниот урбан простор, и претставува неминовна алтернатива која на долг рок обезбедува бројни позитивни ефекти.
“Скопје веќе нема алтернативи! Во услови на пренаселеност, на бројни сообраќајни гапови, преголема густина на згради, недостиг на паркови и зелени површини, градот и не може надземно да се развива, а тоа да биде во согласност со стандардите кои ги наметнуваат урбанистите, и најгласните во последно време експертите за зачувување на животната средина.
Иако подземниот развој на почеток бара значително повисоки инвестициски трошоци за изградба во споредба со слична инфраструктура изградена на површината, сепак на долг рок ефектите врз урбаниот развој на градот, врз животната средина и квалитетот на животот се непроценливи. Секако за позитивни реперкусии од подземните проекти, важно е во нивната имплементацијата да се користат новите технолошки достигнувања да се обезбеди одржлива подземна инфраструктура, таа да биде внимателно дизајнирана за да ги ограничи негативните влијанија, и за од неа да се добие максимална корист”, истакнуваат од секторот за урбанизам при Град Скопје.
Развојот на подземниот простор дава можност за користење на површинскиот простор за други цели, како што е зелен простор за паркови или друг надземен развој во рамките или блиску до урбаните центри. Затоа, компактните градски трендови би требало да го поддржуваат концептот за подземен развој, вклучувајќи широк опсег на подземни објекти кои придонесуваат за ефикасна, но квалитетна средина. Споголемата урбана густина на население, директно се поврзува со повисоки нивоа на развој на подземниот простор. Многу планери сметаат дека подземниот развој и употреба би можеле да ги зголемат нето придобивките од интензивниот развој.
Кои се придобивките?
Употребата на подземниот простор може да го намали сообраќајниот застој и сè поголемите животни трошоци, а истовремено да ги достигне патните, енергетските и еколошките намалувања. Во овој поглед, првите и најочигледните економски придобивки произлегуваат од користењето на подземјето како дел од обезбедувањето на транспорт, комерцијални, индустриски и комунални објекти.
Но друга не толку очигледна придобивка е дека со подземниот развој на сообраќајници, компактните градови се стремат кон намалување на километри за патување со што се намалува и директната и индиректната потрошувачка на енергија и емисијата на стаклени гасови.
На градот Скопје и неговите граѓани, подземна сообраќајница им е повеќе од потребна. За расчистување на неиздржливиот градски метеж, кој на луѓето им одзема уште по еден час, пред и по работното време, за градење на зелени површини и за намалување на штетните емисии на гасови.
Сообраќајницата која ја гради Лимак е комплексна. Таа ќе вклучува тунел со 6 коловозни ленти кој ќе ги спојува примарните градски сообраќајни јазли, на површина од 325,000 квадратни метри. Изградбата на подземната улица се планира да биде завршена во период од 22 месеци. Станува збор за модерна подземна улица, налик на европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот. Двонасочен коловоз во 6 ленти со должина од 800 метри, кој ќе го дислоцира булеварот Македонија под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје. Дополнително, комплексот ќе обезбеди над 2800 паркинг места во самиот центар на градот. Ова значи дека наскоро на ова место, Скопје ќе добие ново урбано обележје кое ќе му овозможи одново поврзување на оската север-југ и исток-запад и ќе стане нов културен симбол на „новото Скопје“ наместо онаа несредена, неурбанизирана, слика во централното градско јадро која сите ја избегнувавме.
Основана во 1976 година, една од најголемите бизнис-групации во регионот на Турција, Limak Holding, главно е специјализирана за градежништво, инфраструктура, енергетски проекти, посебно со обновлива енергија. Компанијата инвестира и управува со аеродроми и пристаништа, хотели и производство на цемент. Лимак Diamond ќе понуди одново заживување на делот од градот што со децении беше неуреден и запоставен, а граѓаните на Скопје, дел од градот на кој можат да бидат горди.
[https://faktor.mk/znachenjeto-na-izgradbata-na-podzemnata-ulica-od-limak-za-skopje-i-negovite-gragjani]
4 август 2021
ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА ЗАД „РАМСТОР“ СЕ ГРАДИ И ДО 2023 ЌЕ БИДЕ ГОТОВА, КАЈ ЗГРАДИТЕ КОИ СЕ КРЕВААТ ВЕЌЕ Е ИЗВЕДЕНА, ВЕЛАТ ОД „ЛИМАК“

Подземната улица се гради и досега се изведени 25 отсто од градежните работи за неа, велат инвеститори од компанијата „Лимак“. Веќе три години некогашниот Јужен булевар е затворен за сообраќај и на него се гради новиот комплекс кој ќе го сочинуваат трговски центар, станбени и деловни објекти. Турскиот инвеститорот треба под овие објекти да изгради подземна сообраќајница.
Откако се почнати градежните работи зад тарабите не може да се виде што се гради и како напредуваат градежните работи за копањето на тунелот и пробивањето на улицата. Од пред неколку месеци над тарабите веќе почнаа да се издигаат зградите, кои на потпишувањето на договорот со Град Скопје беше кажано дека ќе се градат кога ќе се изгради сообраќајницата.
Инвеститорите за САКАМДАКАЖАМ.МК објаснуваат дека онаму каде што се креваат зградите, подземната улица е веќе готова и затоа се гради над неа. Тврдат дека Скопје ќе ја добие сообраќајницата односно овој проект нема да заврши со кренати згради и трговски центри, а неизградена подземна улица.
„Најтешката работа е завршена, поголемиот дел од тунелот под земја е пробиен односно направен е ископот, поставени се потпорни ѕидови и подземни инсталации. Сега останува полесниот дел во градењето на улицата. Досега 25 отсто од улицата е изградена. Градежните работи се одвиваат во делови или блокови односно завршуваме еден дел од улицата и потоа таму се продолжува со работа односно се креваат објекти. Потоа се гради друг дел од улицата па содржините кои се над неа. Без да се изгради тунелот не може да се кренат зградите. Зградата која ја гледате кај ‘Тутунска банка‘ е прва од четирите кули. Таа се гради бидејќи тунелот во тој дел е готов и сега продолжуваме со негово градење натаму“, вели Чагри Шерен, проект менаџер на компанијата „Лимак“.
Според проектот, улицата ќе биде со должина од 800 метри и широка 37 метри. Ќе има по две ленти во секој правец и две линии за трамвај во средината. Вкупната површина на која се гради целиот комплекс е 325 000 метри квадратни, од кои трговскиот центар ќе биде со површина од 47. 000 метри квадратни и веќе е почнат да се гради, а ќе се наоѓа зад Музејот на Град Скопје. Ќе има 4 згради, две источни и две западни со 20 ката, три нивоа паркинг простор и 17 ката станбени единици. Делот меѓу трговскиот центар и кулите ќе биде шеталиште со јавни содржини. Инвеститорите велат дека во комплекстот ќе има 3.200 паркинг места и 11.000 метри квадратни зелена површина.
„Овој дел ќе биде главна атракција во Скопје, а улицата под комплексот ќе овозможи побрз проток на сообраќајот од едниот до другиот дел на градот. Улицата ќе биде готова во првата половина на 2023, а целиот комплекс до крајот на 2023. Сме работеле на многу проекти, но оваа улица во Скопје е уникатна бидејќи над неа ќе живеат луѓе. Затоа градиме според највисоките стандарди, постојано сме во контакти со органите во државата и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од каде редовно се вршат потребни мерења“, вели Куртхан Апајдин, директор на „Лимак Скопје“.
Град Скопје треба да изгради три приклучоци за подземната улица, односно кружен тек кај „Нова Македонија“, на крстосницата на Железничка со Бихаќка и кај подвозникот кај крстосницаата на булеварите Свети Кирил и Методиј и Кочо Рацин. Но, на терен сè уште нема никакви активности за нивната изградба, ниту пак градоначалникот Петре Шилегов ги најави за годинешната градежна офанзива.
„Сите три кружни текови за излез и влез во подземната сообраќајница се проектирани и догодина ќе ги распишеме тендерите за изведувачи. Очекувам паралелно со завршување на градежните работи за подзмената улица во 2023 да бидат и тие готови. Според првичните проценки, ќе чинат околу 22 милиони евра“, ни изјави Шилегов пред месец и половина.
Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од ексградоначалникот Коце Трајановски и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.
Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи. На прес-конференцијата за стартот на проектот покрај градоначалникот Шилегов, присуствуваа и премиерот Зоран Заев и тогашниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.
Вкупната инвестиција за овој проект е 250 милиони евра.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/podzemnata-ulitsa-zad-ramstor-se-gradi-i-do-2023-ke-bide-gotova-kaj-zgradite-koi-se-krevaat-veke-e-izvedena-velat-od-limak/]