февруари 5, 2026
Новиот булевар кон Порој веќе „попушти“ – дупки па грпки, Касами: операторот да ги ревидира сите грешки

Нерамнини и грпки од асфалт има на новиот дел од продолжувањето на булеварот „Видое Смилевски-Бато“ од касарната во Тетово до селото Порој кој општината го пушти во употреба во декември. Според граѓаните кои редовно се движат по оваа делница, на ова му претходело пропаѓање на дел од асфалтната подлога, па се интервенирало најверојатно во обид да се пополнат дупки, но воедно се формирале грпки на патот.
На новинарско прашање до градоначалникот на Тетово, дали ќе се контролира квалитетот на градежниот зафат, тој со одговор дека ќе се бара од фирмата изведувач да ги поправи грешките.
„На новиот булевар јас и во друга прилика одговорив дека уште не е направено примопредавање. Ние го пуштивме употреба пред новогодишните празници, кога беа присутни на нашите луѓе кои се привремено вработени во странство поради итноста на потребата за да се пушти во употреба и користење за граѓаните. Во меѓувреме има обврска операторот да ги ревидира сите грешки кои се појавиле во овој период и од моментот кога ќе се формално ќе се направи примопредавање, а комплетно значи тој дел од булеварот ќе биде како што е по тендерската документација, изјави денес Биљал Касами.
Овој дел од булеварот беше пуштен во употреба со сечење на црвена лента и свеченост на 29 декември 2025 година.
Ова е трето продолжување на булеварот. Прво се продолжи од крстосницата со улицата „Борис Кидрич“ до касарната во должина од околу 671 метар. Ова продолжување се градеше во период од февруари 2020 до април 2021 година кога градоначалничка беше Теута Арифи, а средствата беа од Светска Банка
Првата делница, од околу 650 метри од ова продолжување од касарната во правец кон Порој беше завршено на почетокот на април 2025 година. Во текот на наредните девет месеци се работеше на преостанатиот дел до Порој со што булеварот се приклучува кон регионалниот пат Тетово-Јажинце.
[https://tetovoinfo.mk/noviot-bulevar-kon-poroj-vekje-popushti-dupki-pa-grpki-kasami-operatorot-da-gi-revidira-site-greshki/]