Во најава е довршување на двете згради за кои е одлучено да му припаднат на ФИНКИ а за Факултетот за физичка култура ќе се врши градба или доградба на постојната локација.
Вест од 06.02.2026
(ВИДЕО+ФОТО) По една деценија ќе се доградуваат зградите на ФИНКИ



Изградбата на двете згради кај Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), кои се наменети за потребите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), би можела конечно да биде завршена по речиси една деценија застој.
Проектот за доградба на објектите со години е симбол на недовршени инфраструктурни вложувања во високото образование. Зградите започнаа да се градат со цел да обезбедат современи услови за настава, истражување и практична работа за студентите и академскиот кадар на ФИНКИ, но работите беа прекинати и оставени во мирување.
На последниот брифинг со новинари, министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека Министерството планира да го реактивира и конечно да го реализира овој долгогодишен проект. Според неа, завршувањето на објектите е значајно за подобрување на условите за студирање и развој на информатичките науки во државата.
Од Министерството за образование и наука информираа дека во петокот, на 30 јануари, истекол рокот за аплицирање на тендерот за нови проекти за градба, по што се очекува избор на изведувач и почеток на реализацијата.
Како што посочи професорот Горан Марковски, при проверката на состојбата на недовршените објекти, било забележано значително ниво на карбонизација на бетонот, што укажува на сериозно загадување во тој дел од градот.
Во толку кус период од десетина години имаме толку голема карбонизација навлезена во длабочината на бетонските елементи. Има и на мостовските конструкции, кои се изложени на надворешни влијанија, но тоа е процес кој треба да трае стотина години. А овде имаме за само десет години. И од научна гледна точка за нас тоа е интересен податок и потврда за тоа колку во Скопје е загаден воздухот“, додаде проф. д-р Марковски.
Според Марковски, на одредени делови од објектите е констатирана невообичаено изразена карбонизација, предизвикана од комбинација на влага и зголемена концентрација на јаглерод диоксид. Тој истакна дека овој процес може негативно да влијае врз конструкцијата, односно да предизвика корозија на арматурата и додаде дека двата објекти ќе бидат подземно поврзани со паркиралиште, бидејќи се работи за еден факултет.
„Сега треба да се најде проектант, а потоа изведувач и да ги доврши работите: проектната задача е доста обемна од сите аспекти. Дадени им се одредени насоки на идните проектанти каде треба да се движат во однос на архитектонскиот облик, но се разбира не премногу детално, зашто на проектантот треба да му се даде слобода“, додаде проф. д-р Марковски.
[https://fokus.mk/video-foto-po-edna-detsenija-ke-se-dograduvaat-zgradite-na-finki/]