Маркичката за 25-катница кај НИП-от е стекнато право, кога-тогаш ќе се изгради кулата


Иако во подготовка е нов ДУП, законски инвеститорот веќе стекнал право да гради толку голем објект, што значи маркичките за двете висококатници ќе останат и во новиот план. Во спротивно, Општината ќе треба да обесштети милионски суми за штетата што би му ја предизвикала на инвеститорот доколку ја намали катноста.
Стометарскиот „џин“, како и 11-катницата веднаш до него, зацртани во ДУП Буњаковец 1, донесен уште во 2012 година во мандатот на градоначалникот Владимир Тодоровиќ, лоцирани на местото на Европски универзитет и печатницата на некогашната НИП „Нова Македонија“, сега-засега нема да се градат.
Во планот има техничка грешка, која требаше да ја исправат советниците на последната седница на Советот на Општина Центар, но тие гласаа против или беа воздржани, во обид да спречат инвеститорот да добие градежна дозвола, иако Комисијата за урбанизам претходно дала позитивно мислење за предлог-одлуката.
Како што беше објаснето, во согласност со законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или во параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Ние, како администрација, имаме обврска да ја ставиме точката на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации – рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Последиците од неизгласувањето на исправката се тоа што инвеститорот сега може да ја тужи Општината, по што ќе треба да се исплати отштета од општинскиот буџет. Притоа, иако во подготовка е нов план, законски инвеститорот веќе стекнал право да гради толку голем објект, што значи маркичките за двете висококатници ќе останат и во новиот ДУП. Во спротивно, Општината ќе треба да обесштети милионски суми за штетата што би му ја предизвикала на инвеститорот, доколку му се чепне во сè уште неизградените објекти и им се намали катноста.
Овој ДУП е од 2012 година и во тек е измена на овој план. Сакам да ви ги кажам бројките. Објектот е со 105.000 метри квадрати површина, 1.750 возила би гравитирале. За да може да се паркираат во тој простор, потребни се 10 нивоа под земја. Во однос на сообраќајот, ни оддалеку не може да ги задоволи потребите на сообраќајот за новиот објект. Намената му е Б4, голем трговски објект, а на сто метри ги имаме „Лимак“, „Рамстор“… Не ја гледам потребата на граѓаните да се „трпа“ Центар со таков објект – рече советничката од „Шанса за Центар“, Билјана Филиповска.
На седницата присуствуваше и граѓанин што зборуваше во име на жителите од старите згради зад печатницата. Тој посочи дека нечовечки е да бидат заробени од огромни згради, поради што нивните домови би биле во постојана сенка. Како што рече, и сега таму тешко се живее поради постојан метеж, недостиг на паркинг, а што би се случило доколку во непосредна близина никне објект на 25 ката, кој според него незамисливо би им влијаел врз квалитетот на животот.
Па, така, советниците не гласаа за исправка на грешката во ДУП-от и покрај сите последици што би ги имала Општината, откако добија одговор на прашањето дали може да се даде градежна дозвола ако не се поправи техничката грешка.
Секаде каде што има техничка грешка, спроведување на градежна парцела не е можно – одговорија од службите.
Огромната зграда од 100 метри височина, односно приземје и 25 ката, треба да се гради на местото каде што сега се наоѓа Европски универзитет, лоциран на улицата „Свети Климент Охридски“, во центарот на Скопје. Веднаш до неа, ќе се залепи уште една висококатница од 40 метри, на приземје и десет ката.
Според ДУП-от изработен од Друштвото за планирање проектирање и инженеринг „Тајфа план“ од Скопје, станува збор за објекти со Б4 намена, односно за деловни објекти, а според јавно достапните информации од Агенцијата за катастар на недвижности, земјиштето со површина од повеќе од 5.000 метри квадратни е во приватна сопственост на фирмата „Евро принт“ ДОО од Скопје.
За деталните урбанистички планови донесени во Општина Центар во 2012 година, меѓу кои е и ДУП Буњаковец 1, беше прогласен мораториум во мандатот на поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ, со образложение дека при нивната изработка и донесување не се почитувани стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и дека на тој начин е оштетен јавниот интерес, но и дека плановите се спротивни со Генералниот урбанистички план на Град Скопје.
Под мораториум беа дури 29 плана, а во меѓувреме ДУП-овите требаше да се ревидираат и да се отстранат неправилностите во нив. Но, Уставниот суд донесе одлука да се стопира мораториумот за градба во Општина Центар додека не се одлучи дали тој е уставна и законска категорија, со што сите тие повторно станаа важечки.
[https://www.slobodenpecat.mk/markichkata-za-25-katnica-kaj-nip-ot-e-steknato-pravo-koga-togash-kje-se-izgradi-kulata/]