17.06.2020
Големите планови за езерото Треска се уште чекаат за реализација
Не престануваат дискусиите за темата кому му припаѓа езерото Треска, на Градот или на Општина Сарај. Дебатата, за некои и спорот произлегуваат од таму што јасно се знае дека ова езеро или целиот спортско-рекреативен комплекс е изграден во далечната 1978 година со самопридонес на жителите на Скопје. Тие издвојувале од своите плати за да се изгради овој рекреативен центар, кој неколку лета беше вистинско место за освежување, но и главна летна атракција. Но скопјани многу одамна не се капат во ова езеро и не можат да го користат, бидејќи е затворено за капачи од 1998 година. Главна причина е тоа што водата е загадена и не ги задоволува пропишаните еколошки и санитарни стандарди, ниту потребниот квалитет. Од затворањето досега местото е комплетно руинирано. Повремено, и покрај предупредувањата дека водата е загадена и непрепорачлива за капење, некои го користеа, а имало и рибари што рибареле.
Град Скопје во неколку наврати правеше обиди да го врати езерото со сиот негов поранешен сјај, но не успеа во тоа. Сега многу од граѓаните се прашуваат кому му припаѓа езерото Треска, на Градот или на Општина Сарај, кој има право да стопанисува со овој урнисан спортско-рекреативен центар, за кој некогаш свои пари од џеб дале граѓаните. Дискусии на темава имаше и на социјалните мрежи.
– Со посебна одлука на Владата на РМ во 2013 година, објектот СРЦ „Езеро Треска“ е во целосна надлежност и ингеренција на Општина Сарај. Сепак, поради тоа што станува збор за рекреативен објект од витално значење за Скопје, Град Скопје е вклучен во активностите за негова ревитализација.
Во август минатата година на седница на Владата е усвоена информацијата врз основа на која се овозможува Општина Сарај да ја започне постапката за изградба на спортско-рекреативен центар во близината на селото Глумово, кој ќе го опфати и езерото Треска и кој вклучува изградба на викенд-населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на екотуризам – појаснуваат од Градот.
Општина Сарај веќе ја има започнато постапката за изградба на спортско-рекреативен центар и во моментов од локалната самоуправа ја финишираат последната верзија на ДУП и проектот по упатените забелешки од Министерството за транспорт и врски.
– Општина Сарај го доби езерото Треска на стопанисување со одлука на Владата пред неколку години и сега е имот на Општина Сарај и тука нема ништо спорно. Го приведуваме кон крај проектот за ревитализација и обновувањето на езерото и наскоро ќе ја имаме конечната верзија и на проектот и на ДУП по што за две недели ќе го доставиме до Министерството за транспорт и врски на повторно разгледување и се надеваме на одобрување, бидејќи и предходно беше испратен и вратен со одредени забелешки.
Штом ќе добиеме одобрување од Министерството за транспорт и врски, заедно со ДУП-от ќе треба да бидат разгледани на Советот. Штом ќе поминат сите правни процедури се надеваме кон крајот на летото ќе почнат и првите активности и ќе обелодениме што содржи проектот. Но секако идејата е да стане голем рекреативен центар за развој на туризмот, а исто така привлечен за граѓаните. Градот неколкупати се обидуваше да му го врати сјајот на езерото, но не успеа и затоа крајно време е тоа да го направиме ние како општина на чија територија се наоѓа езерото – вели Блерим Беџети, градоначалникот на Општина Сарај.
Езерото се протега на површина од 136.000 квадратни метри, длабоко е од 1,6 до три метри и има капацитет за 10.000 капачи.
ЈКП „Лиќени Треска“ – Сарај управува со езерото
На веб-страницата на Општина Сарај стои дека со езерото Треска управува јавното комунално претпријатие ,,Лиќени Треска“ – Сарај, формирано со акт на Советот на Општина Сарај.
– Претпријатието со одлука на Советот на Општина Сарај со бр. 07-393/1 од 26.12.2013 година е организирано како јавно претпријатие за стопанисување со спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ – Сарај. Претпријатието е правно лице, кое врши дејност од јавен интерес од областа на комуналните дејности. Јавното комунално претпријатие во рамките на својата дејност ги извршува овие задачи: управување со материјалните добра и природните ресурси што се наоѓаат во териториjата на рекреативниот центар „Езеро Треска“ – Сарај, б.б. Во задачите се спомнуваат неколку, како одржување и регулирање на зелените површини и рекреативните места на својата територија, собирање, обработка и дистрибуција на фекалните води, други деловни активности неспомнати на друго место, други услужни дејности неспомнати на друго место – пишува на општинската страница на Сарај.
На истата таа се наведува дека претпријатието има и свои органи, Управен одбор, Надзорен одбор за контрола на материјално-финансиското работење и директор.
[https://novamakedonija.com.mk/makedonija/skopje/големите-планови-за-езерото-треска-се/]
///////////////////////////////
20 јануари 2021
ОПШТИНА САРАЈ ПОЧНА ДА ГИ УРИВА ОБЈЕКТИТЕ НА ЕЗЕРО ТРЕСКА

Општина Сарај почна со уривање на објектите и содржините на езерото Треска. Со градежна механизација се отстрануваат сега веќе запуштените бунгалови, кафулиња, ресторани, базени, гардероби, тоалети, кои пред четириесетина години беа изградени со самопридонес на граѓаните.
Со уривањето на инфраструктурата, Општина Сарај почнува со постапката за реализација на Деталниот урбанистички план (ДУП), односно изградба на хотелски комплекси и викенд населба. Општината пред Нова година им даде рок и на сопствениците на камп приколките да се иселат од езерото.
Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети пред еден месец за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Општината почнала два паралелни процеси за езерото Треска и тоа за дислокација на приколките и за прогласување на Треска за слободна туристичка зона.
„Нашиот инспектор за животна средина на местото каде што се поставени приколките констатираше дека нема соодветни услови. Не се почитуваат прописите, многу од нив се заградени и доградени. Не можат тие кои се кираџии да бидат пречка за реализација на планот и повторно заживување на овој симбол на Скопје. Истовремено, откако ги донесовме новиот детален план испративме во петокот писмено барање до Владата за да се прогласи езерото Треска за слободна туристичка зона, со што ќе можеме да бараме инвеститори кои ќе го заживеат и уредат просторот“, изјави Беџети.
Беџети тогаш најави дека ќе одржи тематска прес-конференција на која ќе претстави на јавноста што се предвидува да се гради на езерото Треска со новиот ДУП, но тоа сè уште не се случило.
Владата предводена од СДСМ лани дел од земјоделското земјиште во селата Глумово и Шишево, кое се наоѓа околу езерото, го пренамени во градежно за да може Општина Сарај да направи Детален урбанистички план. Тогаш од Владата рекоа дека оваа одлука е донесена за да може во овој дел од предградието на главниот град да се вцртаат маркички и да се гради викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на еко туризам, со што воедно ќе се врати во функција и езерото.
Езерото Треска е изградено во 1978 година со самопридонес од жителите на Скопје. Со површина од 136.000 метри квадратни и капацитет за 10.000 капачи, во 1980-тите и 1990-тите функционираше како главно излетничко место за скопјани, особено во летните месеци. Околу езерото кое е длабоко од 1,6 до 3 метри се наоѓаа бунгалови, кафулиња, ресторани, базени, гардероби, тоалети, спортски терени, како и камп за приколки и трејлери. Езерце Треска живееше само 20 години. Во 1998 година, поради загаденост на водата е затворено за капење и оттогаш почнува неговото пропаѓање. Денеска, дваесетина години откако е затворено, комплексот околу езерото е целосно уништен.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/opshtina-saraj-pochna-da-gi-uriva-objektite-na-ezero-treska/]
/////////////////////////
29 јануари 2021
НА ЕЗЕРО ТРЕСКА ЌЕ СЕ ГРАДИ ХОТЕЛ СО 5 ЅВЕЗДИ И БУНГАЛОВИ, ОКОЛУ НЕГО ВИКЕНД КУЌИ И ТРГОВСКИ ЦЕНТРИ, БЕЏЕТИ ГО ПРЕТСТАВИ ПЛАНОТ
Маркичка за хотел со пет ѕвезди, бунгалови, спа и фитнес центар е нацртана во комплексот на Езеро Треска со новиот Детален урбанистички план (ДУП). Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети денеска на прес-конференција го презентираше новиот план за Треска и просторот околу езерото, кој е поделен во четири блокови. Првиот блок е сегашниот комплекс на Езеро Треска кој е со површина од 13 хектари и, како што кажа Беџети, се планираат спортски терени на отворено, базени, аквапарк, забавен парк, амфитеатар, ботанички градини. Во оваа зона е формирана градежна парцела во која е дозволен процент на изграденост до 50 отсто односно максимална површина за градење од 155.116 метри квадратни. На таа површина е нацртана марчичка за хотелски комплекс со приземје, три ката и поткровје со висина од 15 метри.
Предвидени се пропратни содржини како ресторани, спа и фитнес-центри, центар за алтернативна медица, отворени и затворени базени. Покрај главната хотелска зграда планирани се и дрвени бунгалови. Градбите треба да бидат од природни и еколошки матријали, дрво и камен.
Втората, третата и четвртата зона кои се урбанизираат со овој план се надвор од езерото и го опфаќа земјоделското земјиште од селата Глумово и Шишево кое Владата го пренамени во градежно. Втората зона се наоѓа од десната страна на реката Треска и се предвидуваат маркички за викенд куќи со приземје, два ката и поткровје, а површината на овој дел е 12 хектари. Третата зона со површина од 10 хектари е од левата страна на реката кај влезот на езерото со површина од околу 10 хектари, и таму ќе се градат хотелски комплекси со два ката и поткровје, а во четвртата зона која е најмала со површина од 2,4 хектари се предвидена маркичка за трговски центар и пазар на отворено.
Градоначалникот Блерим Беџети кажа дека Општината само го направила планот, а понатаму постапката ќе ја води Владата која ќе го прогласи овој дел за слободна туристичка зона.
„Владата ќе го продава земјиштето. Инвеститорот во езерото ќе треба да го врати во функција со изградба на пречистителна станица. Идејата е ова да прерасне во туристичка атракција, да биде посетено од домашни и странски гости. Се проценува дека инвестицијата би била околу 200 милиони евра“, вели Беџети.
Беџети рече дека камперите мора да бидат отстранети од езерото, обвинувајќи ги дека нелегално си изградиле цели куќи на местата каде имале приколки.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/na-ezero-treska-ke-se-gradi-hotel-so-5-zvezdi-i-bungalovi-okolu-nego-vikend-kuki-i-trgovski-tsentri-kazha-bedheti/]
////////////////////////
10 март 2021
ВЛАДАТА ЈА ПОЧНА ПОСТАПКАТА ЕЗЕРОТО ТРЕСКА ДА СТАНЕ ТУРИСТИЧКА РАЗВОЈНА ЗОНА СО ХОТЕЛИ И ТРГОВСКИ ЦЕНТРИ
Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за езеро Треска и донесе одлука за продолжување на постапката за основање на Туристичка развојна зона „Сарај – Езеро Треска“. Како што соопштуваат од Владата постапката за основање на Туристичка развојна зона ќе се спроведува согласно Законот за туристички развојни зони со уредени погодности за инвестирање во проекти со посебна намена.
Со оваа одлука почнува постапката околу езерото Треска да почнат да се градат хотели, бунгалови и трговски центри кои се предвидени со Деталниот урбанистички план кој го донесе Општина Сарај лани во декември. Планот е поделен во четири блокови. Првиот блок е сегашниот комплекс на Езеро Треска кој е со површина од 13 хектари и во него се планираат да се градат спортски терени на отворено, базени, аквапарк, забавен парк, амфитеатар, ботанички градини. Во оваа зона е формирана градежна парцела во која е дозволен процент на изграденост до 50 отсто односно максимална површина за градење од 155.116 метри квадратни. На таа површина е нацртана маркичка за хотелски комплекс со приземје, три ката и поткровје со висина од 15 метри како и придружни содржини ресторани, спа и фитнес-центар, центар за алтернативна медицина, отворени и затворени базени. Покрај главната хотелска зграда планирано е изградба и на дрвени бунгалови на местото каде што сега се наоѓаат камп-приколките.
Втората, третата и четвртата зона кои се урбанизираат со овој план се надвор од езерото и го опфаќа земјоделското земјиште од селата Глумово и Шишево кое Владата го пренамени во градежно. Втората зона се наоѓа од десната страна на реката Треска и се предвидуваат маркички за викенд куќи со приземје, два ката и поткровје, а површината на овој дел е 12 хектари. Третата зона со површина од 10 хектари е од левата страна на реката кај влезот на езерото со површина од околу 10 хектари, и таму ќе се градат хотелски комплекси со два ката и поткровје, а во четвртата зона која е најмала со површина од 2,4 хектари се предвидена маркичка за трговски центар и пазар на отворено.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/vladata-ja-pochna-postapkata-ezeroto-treska-da-stane-turistichka-razvojna-zona-so-hoteli-i-trgovski-tsentri/]