Охрид ќе добие катна гаража вредна 1,73 милиони евра, договорот склучен со „Топлина“, фирма што стана главен оператор за ископ на јаглен во РЕК Битола
Општина Охрид склучи договор за изградба на катна гаража во вредност од 1,73 милиони евра со охридската компанија „Топлина“ од селото Подмоље, фирма која неодамна влезе во фокусот на јавноста и поради големиот ангажман во РЕК Битола.
Дополнително, истата компанија претходно беше избрана и за носител на голем ангажман во РЕК Битола, каде според претходно објавени информации требаше да врши ископ на јаглен и јаловина во рамки на договор вреден 1,44 милијарди денари за период од 12 месеци. Со тој тендер „Топлина“ практично се позиционира како главен оператор во еден од највредните ангажмани во енергетскиот сектор, а сега го добива и проектот за катната гаража во Охрид.
Проектот за катната гаража во Охрид, изнесува 90.307.996 денари без ДДВ, односно 106.563.435 денари со ДДВ, што е околу 1,73 милиони евра. Договорот е склучен меѓу Општина Охрид и „Топлина“ за проектот „Изградба на катна гаража“, по втора изменета објава.
Од документацијата произлегува дека катната гаража ќе се гради на улицата „Абас Емин“ во Охрид, на локација што е опфатена со детална урбанистичка документација. Според техничката спецификација, станува збор за објект наменет за паркирање автомобили, лесни доставни возила и велосипеди, со армирано-бетонска конструкција, рамен кров и катна висина од околу три метри.
Финансиската понуда покажува дека проектот ги опфаќа фазите електрика, водовод и канализација, архитектура, сообраќајна сигнализација и противпожарна опрема. Најголем дел од сумата отпаѓа на архитектонската фаза, која во понудата е проценета на 76.857.734 денари без ДДВ. Вкупната првична понуда изнесувала 108.353.724 денари со ДДВ.
Во извештајот од е-аукцијата е наведено дека на тендерот учествувале двајца понудувачи, „Нет Инвест Груп“ и „Топлина“. По електронското наддавање, „Топлина“ доставила коригирана понуда од 90.307.996 денари и била рангирана на прво место.
Договорот предвидува рок за изведба од 30 месеци од денот на воведување во работа. Воедно е предвидено и авансно плаќање до 20 проценти од вредноста на договорот со ДДВ, по доставување банкарска гаранција.
[https://faktor.mk/ohrid-kje-dobie-katna-garaza-vredna-173-milioni-evra-dogovorot-skluchen-so-toplina-firma-shto-stana-glaven-operator-za-iskop-na-jaglen-vo-rek-bitola]