12 јуни 2019
СЕ УРИВААТ СТОЛБОВИТЕ ВО ВАРДАР НА КОИ ТРЕБАШЕ ДА СТОИ ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО НА ГРУЕВСКИ

Екипи на ГП „Бетон“ денеска почнаа со уривање на бетонските столбови во реката Вардар на кои требаше да стои панорамското тркало од проектот на Владата на Никола Груевски „Скопје 2104“.
„Според новиот проект, сите 4 бетонски столбови ќе се урнат и со тоа коритото на реката Вардар ќе биде ослободено. Летово треба да завршат градежните работи за изградба на мостот, со што ќе бидат остранети и препреките кои се наоѓаат на кејот со кои сега е блокирано движењето“, велат од кабинетот на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
Според новиот проект, мостот нема да има барокни елементи. За да се гледа симболот на градот Камениот мост, ќе биде поставена проѕирна ограда.
Градоначалникот Петре Шилегов лани во април најави дека градските власти одлучиле мостот да не се урива, туку да се догради без панорамското тркало и да биде пешачки премин. Град Скопје и изведувачот ГП „Бетон“ постигнале договор мостот да се догради по пониска цена од онаа во првичниот договор во времето на Груевски. Наместо 7 милиони евра, Градот треба да доплати 3,1 милиони евра.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/se-urivaat-stolbovite-vo-vardar-na-koi-trebashe-da-stoi-panoramskoto-trkalo-na-gruevski/]
//////////////////////////
19 јануари 2020
МОСТОТ БЕЗ ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕН ВО МАРТ, СКОПСКИОТ КЕЈ ПРОЛЕТВА ПРООДЕН ПОСЛЕ 6 ГОДИНИ

За два месеца ќе биде готов пешачкиот мост на кејот на реката Вардар во центарот на Скопје на кој требаше да стои панорамското тркало. Мостот почна да се доградува во декември 2018 и беше најавено дека ќе биде готов пролетта 2019. Но, градежните работи сѐ уште траат.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека изградбата на мостот, наследен од претходното градско раководство како дел на проектот „Скопје 2014“, е при крај. Целосно е исчистено коритото на реката од бетонските столбови на кои требаше да стои панорамското тркало и сега се работи на ситни градежни зафати на мостот. Со пуштањето во употреба на мостот, после 6 години ќе биде прооден кејот во овој дел од најстрогиот центар на градот.
„Тргнати се фундаментите за панорамското тркало. Мостот не е во барок. Коритото на Вардар е чисто и проточно. Мостот ќе биде целосно готов и пуштен во употреба за два месеци. Остануваат уште да се постават пристапни рампи и некои ситни зафати“, вели Шилегов.
Градоначалникот Шилегов во април 2018 најави дека одлучиле мостот од проектот „Скопје 2014“ да не се урива, туку да се догради без панорамското тркало и да биде пешачки премин. Град Скопје и изведувачот ГП „Бетон“ постигнаа договор мостот да се догради по пониска цена од онаа во првичниот договор, односно наместо 7 милиони евра, Градот да доплати 3,1 милиони евра. Претходно, на изведувачот му беа исплатени 10 милиони евра.
Мостот на кој што според проектот требаше да стои панорамско тркало почна да се гради во 2014. Град Скопје тогаш проектот го предаде на ЈСП „Скопје“, а пари покрај од буџетот на Градот се обезбедуваа и преку донации од Агенцијата за електронски комуникации. Според договорот со ГП „Бетон“, изградбата требаше да чини 18 милиони евра.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/mostot-bez-panoramskoto-trkalo-ke-bide-zavrshen-vo-mart-skopskiot-kej-proletva-prooden-posle-6-godini/]
//////////////////////////////////////////
17 ноември 2020
НАМЕСТО ПАНОРАМСКО ТРКАЛО НА МОСТОТ НА ВАРДАР ПОСТАВЕНИ ТРАФИКИ ЗА ПРОДАВАЧИТЕ НА КНИГИ ОД ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА

После 6 години откако почна да се гради мостот на кој требаше на има панорамско тркало, тој конечно е готов и до крајот на месецов откако ќе добие технички прием ќе биде пуштен во употреба. Со тоа конечно и кејот на реката Вардар ќе биде прооден за пешаци и велосипедисти откако во 2014 година беше заграден заради градежните работи.
На мостот го нема панорамското тркало, но поставени се три трафики кои како што објаснува градоначалникот Петре Шилегов ќе биде наменети за продавачите на книги кои ќе се дислоцираат од Плоштад Македонија.
„Бидејќи не се гради панорамското тркало, доколку не се постават таков вид на објекти тогаш ЈСП ‘Скопје‘ ќе треба да плати ДДВ од околу 1,2 милиони евра, што е неоправдан трошок особено во време на пандемија. Тие објекти ќе бидат намените за продавачите на книги кои ќе ги дислоцираме од Плоштад Македонија, со што ќе им овозможиме да ја вршат својата дејност во затворени објекти“, вели Шилегов.
Мостот на кој што според проектот требаше да стои панорамско тркало почна да се гради во 2014 како дел од проектот Скопје 2014“ на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Град Скопје тогаш проектот го предаде на ЈСП „Скопје“, а пари покрај од буџетот на Градот се обезбедуваа и преку донации од Агенцијата за електронски комуникации. Според договорот со ГП „Бетон“, изградбата требаше да чини 18 милиони евра.
Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов градежните работи беа стопирани. Во април 2018 Шилегов кажа дека одлучиле мостот од проектот „Скопје 2014“ да не се урива, туку да се догради без панорамското тркало и да биде пешачки премин. Град Скопје и изведувачот ГП „Бетон“ постигнаа договор мостот да се догради по пониска цена од онаа во првичниот договор, односно наместо 7 милиони евра, Градот да доплати 3,1 милиони евра. Претходно, на изведувачот му беа исплатени 10 милиони евра. Беше направен и нов проект според кој мостот нема барокни елементи, туку поставена е проѕирна ограда за да се гледа Камен мост.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/namesto-panoramsko-trkalo-na-mostot-na-vardar-postaveni-trafiki-za-prodavachite-na-knigi-od-ploshtad-makedonija/]
//////////////////////////////////////////
12 јануари 2021
ПОСЛЕ 7 ГОДИНИ ПОЧНА ДА СЕ РАСЧИСТУВА КЕЈОТ КАЈ МОСТОТ ЗА ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО ЗА ПАК ДА БИДЕ ПРООДЕН

Екипи и градежна механизација од јавните претпријатија на Град Скопје од вчера почнаа со расчистување на кејот во делот кај мостот на кој требаше да има панорамско тркало. Овој дел од кејот во строгиот центар на градот е затворен од 2014 година, кога во рамките на пректот „Скопје 2014“ тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ почна со изградба на мостот. Изминативе 7 години пешаците и велосипедистите не можеа да минуваат низ кејот од двете страни бидејќи беше заграден со тараби, затрупан со градежни матријали и механизација.
Од Град Скопје велат дека откако завршиле со доградбата на мостот, на кој сега нема панорамско тркало ниту барокни елементи, почнале со расчистување на кејот и очекуваат до крајот на месецот да биде прооден. Откако ќе биде расчистен ќе биде и уреден, а оштетените делови санирани.
„Досега се подигнати 27 кубни метри градежен матријал. Дополнително, се корнат гранки, треви и грмушки со кои се обраснати делови од кејот, се кастрат дрвјата, се уредува зеленилото и се чисти ѓубрето“, велат од Град Скопје.
Мостот на кој што според проектот требаше да стои панорамско тркало почна да се гради во 2014. Град Скопје тогаш проектот го предаде на ЈСП „Скопје“, а пари покрај од буџетот на Градот се обезбедуваа и преку донации од Агенцијата за електронски комуникации. Според договорот со ГП „Бетон“, изградбата требаше да чини 18 милиони евра.
Откако на градоначалничката функција дојде Петре Шилегов најпрво градежните работи беа стопирани, а во април 2018 беше соопштено дека е одлучено мостот од проектот „Скопје 2014“ да не се урива, туку да се догради без панорамското тркало и да биде пешачки премин. Град Скопје и изведувачот ГП „Бетон“ постигнаа договор мостот да се догради по пониска цена од онаа во првичниот договор, односно наместо 7 милиони евра, Градот да доплати 3,1 милиони евра. Претходно, на изведувачот му беа исплатени 10 милиони евра. Беше променет и дел од проектот за изгледот, па наместо барокни елементи беше поставена ограда преку која може да се гледа Камен мост.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/posle-7-godini-pochna-da-se-raschistuva-kejot-kaj-mostot-za-panoramskoto-trkalo-za-pak-da-bide-prooden/]
/////////////////////////////////////////
15 март 2021
ПО ОСУМ ГОДИНИ, ПОВТОРНО Е ПРООДЕН КЕЈОТ КАЈ МОСТОТ ЗА ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО ВО СКОПЈЕ

После осум години, конечно е можно движењето по кејот на реката Вардар во делот од Камен мост до мостот Гоце Делчев во строгиот центар на Скопје. Оваа делница осум години беше затворена поради градежните работи за изградба на мостот.
По расчистување на натрупаниот отпад и градежен материјал комплетно е реконстируирана велосипедската патека и засадено е ново зеленило.
„Оваа делница од кејот е конечно ослободена и граѓаните може непречено да ја користат обновената пешачко-велосипедска патека на овој потег на кејот на Вардар“, велат од Град Скопје.
Град Скопје заврши и со изградба на пешачкиот мост, кој почна да се гради во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски во рамките на проектот „Скопје 2014“. На мостот го нема панорамското тркало, но поставени се три трафики кои ќе бидат наменети за продавачите на книги кои ќе се дислоцираат од Плоштад Македонија.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/po-osum-godini-povtorno-e-prooden-kejot-kaj-mostot-za-panoramskoto-trkalo-vo-skopje/]