3 декември 2017
5 МИЛИОНИ ЕВРА ДОЛГ НАСЛЕДИ ШИЛЕГОВ ЗА ГРАДСКАТА КУЌА

Уште 5 милиони евра треба да плати Град Скопје за изградба на Градската куќа под Кале, до новата зграда на јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Градоначалникот Петре Шилегов од неговиот претходник Коце Трајановски го наследил и долгот за новиот објект на градската администрација, кој веќе подолго време не се гради оти немало пари во градската каса да се плати.
„За Градската куќа требаат уште 5 милиони евра. Градежните работи се во застој, таму веќе подолго време не се работи ништо. Направена е само фасадата а внатрешност не е чепната. Го разледуваме договорот со изведувачот да видиме дали има начин да се намали цената за довршување на објектот“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Градската куќа покрај Вардар почна да се гради во 2011, и при поставувањето на камен темелникот ексградоначалникот Коце Трајановски најави дека ќе биде готова кон средината на 2015 година. Од најавениот термин поминаа 2,5 години а Градската куќа уште не е готова. Изведена е само фасадата а внатрешност на објектот не е завршена.
Пред една година од кабинетот на тогашниот градоначалник Коце Трајановски признаа дека немаат пари за довршување на објектот и затоа градежните работи се во застој.
Изградбата на Градската куќа чини 18 милиони евра. За изградба на објектот Град Скопје склучи договор од 15 милиони евра со „Бетон“, потоа склучи и дополнителен договор од 3 милиони евра за изградба на енергетски ефикасна фасада.
Градската куќа се гради на парцела со површина од 1.274 метри квадратни. Ќе биде на 6 ката и со три подземни нивоа наменети за паркинг. Објектот за гради по идејно решение на Иван Кокалановски и Борче Стојковски. Во неа ќе биде сместена градската администрација, градоначалникот на Скопје, како и даночните одделенија и архивата на Град Скопје.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/5-milioni-evra-dolg-nasledi-shilegov-za-gradskata-kuka/]
////////////////////////////////////////////////////////
26 септември 2019
ШИЛЕГОВ ЌЕ ЈА ПРОДАВА БАРОКНАТА ГРАДСКА КУЌА, ПОЧЕТНАТА ЦЕНА Е 12,7 МИЛИОНИ ЕВРА
Град Скопје ќе ја продава барокната Градска куќа која почна да ја гради ексградоначалникот Коце Трајановски на кејот на реката Вардар. Објектот, во кој требаше да се сели градската администрација, ќе се продава на јавна аукција, а почетната цена е 12,7 милиони евра, цена за која е проценет објектот.
За одлуката на градоначалникот Петре Шилегов денес ќе одлучуваат членовите на Советот на Град Скопје.
„Причините за продажба на недвижен имот – Градска куќа е поради недоволниот капацитет на внатрешните простории во кои е потребно да се смести администрацијата на Град Скопје“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/shilegov-ke-ja-prodava-baroknata-gradska-kuka-pochetnata-tsena-e-12-7-milioni-evra/]
///////////////////////////////////////////////////////
26 септември 2019
НЕМА МЕСТО ЗА СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО НОВАТА БАРОКНА ЗГРАДА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ, ОПОЗИЦИЈАТА ЈА НАПУШТИ СЕДНИЦАТА ЗА ПРОДАЖБА НА ГРАДСКАТА КУЌА
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата ја напуштија денешната седница на Советот на Град Скопје, бидејќи на неа беа продложени неколку дополнителни точки меѓу кои и продажбата на новоизградената барокна Градска куќа. Според нив, неприфатливо е за вакви важни одлуки да се информираат и материјалите да ги добиваат на самата седница, а не една недела порано кога се закажува седницата.
„Ова е еден ултиматум кој го поставува градоначалникот, а се предлага како дополнителна точка. Во материјалот што го добивме стои само дека немало доволно простор, а нема информации колку простории има, каков е објектот, дали е опремен. Не може овој објект кој се градеше со парите на граѓаните, сега да се продава“, рече советникот од ВМРО-ДПМНЕ Михајло Маневски, по што сите советници ја напуштија седницата.
Градоначалникот Петре Шилегов пред советниците од СДСМ и коалицијата кои останаа на седницата кажа дека во објектот, кој почна да го гради минатото раководство, нема место за сите вработени, туку само за 350.
„Мене ми беше чудно како може објект со површина од 6.000 метри квадратни да има толку малку простор за работни простории. Архитектите со кои разговарав ми кажаа дека има многу неискористен простор. Исто така, сметам дека оваа локација е несоодветна за институција како Град Скопје. Доколку успееме да ја продадаме зградата, ќе се отвори можност да купиме и да се преселиме во објект многу посоодветен и со простории и со локација“, кажа Шилегов.
Градската куќа ќе се продава на јавна аукција, а почетната цена ќе биде 12,7 милиони евра, цена за која е проценет објектот.
Градската куќа покрај Вардар почна да се гради во 2011, а при поставувањето на камен-темелникот ексградоначалникот Коце Трајановски најави дека ќе биде готова кон средината на 2015. За изградба на објектот Град Скопје склучи договор од 15 милиони евра со „Бетон“, потоа склучи и дополнителен договор од 3 милиони евра за изградба на енергетски ефикасна фасада. Идејно решение е на Иван Кокалановски и Борче Стојковски.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/nema-mesto-za-site-vraboteni-vo-novata-barokna-zgrada-reche-shilegov-opozitsijata-ja-napushti-sednitsata-za-prodazhba-na-gradskata-kuka/]
///////////////////////////////////////////////////////
27 септември 2019
СЕДИШТЕТО НА ГРАД СКОПЈЕ НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ФРЛЕНО НА СТРАНА, ТУКУ ВО ЦЕНТАРОТ, КАЖА ШИЛЕГОВ ЗА ПРОДАЖБАТА НА ГРАДСКАТА КУЌА
Граѓаните не беа прашани дали сакаат барокна градска куќа на таа локација, рече градоначалникот Петре Шилегов одговарајќи на новинарско прашање дали ги прашал скопјани за намерата да го продава објектот и дека тој не е негов личен имот.
„Продажбата на градската куќа е одлука на Советот на Град Скопје а продажбата ќе биде јавна на аукција, која ќе биде транспарентна. Местото на администрацијата на главниот град не е некаде фрлено на страна, туку во центарот на градот. Тоа што некој ниту имал визија, ниту се грижел, ниту знаел и умеел да определува што се приоритети на Град Скопје во минатото, е една од причината зошто живееме во ваков град во овој момент. Негрижата за јавниот транспорт, за топловодната мрежа се дел од причините поради кои овој град е меѓу најзагадените. Ако знаеле што се приоритети на Град Скопје немаше да ја фрлат градската куќа таму каде што е фрлена“, рече Шилегов.
Тој не сакаше да кажа на која локација ќе се сели градската администрација откако ќе се продаде градската куќа.
„Дозволете да започне процесот да видиме дали ќе ја продадеме, а потоа со средствата кои ќе ги обезбедиме ќе имаме многу посоодветни простории“, додаде Шилегов.
Советот на Град Скопје вчера донесе одлука да ја продава барокната градска куќа на јавна аукција по почетна цена од 12,7 милиони евра, цена по која е проценет објектот.
Причина за продажбата е тоа што во објектот немало место за сите вработени, туку само за 350 административци.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/sedishteto-na-grad-skopje-ne-treba-da-bide-frleno-na-strana-tuku-vo-tsentarot-kazha-shilegov-za-prodazhbata-na-gradskata-kuka/]
//////////////////////////////////////////////////////////
5 ноември 2019
ЕВН ЈА КУПИ ГРАДСКАТА КУЌА ЗА 12,7 МИЛИОНИ ЕВРА
Компанијата ЕВН ја купи Градската куќа на кејот на реката Вардар. Градоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека јавната аукција за продажба на Градската куќа се одржала вчера, а единствен понудувач била австриската ЕВН.
„До 31 октомври беше пријавувањето на заинтересирани фирми за учество на електронската аукција. Се пријави само компанијата ЕВН, а електронската аукција се одржа вчера. Почетната цена беше 12,7 милиони евра и тоа е цената по која Град Скопје ја продаде Градската куќа. Во наредните 15 дена ќе биде склучен договорот“, вели градоначалникот Шилегов.
Шилегов на 26 септември најави дека Градската куќа која почна да ја гради неговиот претходник Коце Трајановски ќе се продава бидејќи немало место за сите вработени туку само за 350 и ‘местото на администрацијата на главниот град не е некаде фрлено на страна, туку во центарот на градот’.
Каде ќе се селат службите на Град Скопје откако Градската куќа е продадена, Шилегов не кажува. Вели дека се разгледуваат неколку опции кои ќе обезбедат многу посоодветни услови за вработените и за странките.
Градската куќа покрај Вардар почна да се гради во 2011, а при поставувањето на камен-темелникот ексградоначалникот Коце Трајановски најави дека ќе биде готова кон средината на 2015. За изградба на објектот Град Скопје склучи договор од 15 милиони евра со „Бетон“, потоа склучи и дополнителен договор од 3 милиони евра за изградба на енергетски ефикасна фасада. Идејно решение е на Иван Кокалановски и Борче Стојковски.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/evn-ja-kupi-gradskata-kuka-za-12-7-milioni-evra/]
//////////////////////////////////////////////////
27 октомври 2020
ШИЛЕГОВ НА ОГЛАС ЌЕ БАРА ОБЈЕКТ ЗА ГРАДСКА КУЌА ОД 11 МИЛИОНИ ЕВРА ВО СТРОГИОТ ЦЕНТАР НА СКОПЈЕ
Град Скопје ќе распише оглас за купување Градска куќа. Според одлуката која денеска беше предложена на усвојување од Советот на Град Скопје, вкупната вредност на недвижниот објект треба да биде до 11 милиони евра со вклучен ДДВ. Објектот треба да биде во централното градско подрачје односно во Мал Ринг. Административниот простор за вработените да биде со површина од 4.000 до 9. 000 метри квадратни. Да има обезбеден пристап за луѓе и возила, паркинг простор со површина од приближно од 20 до 70 паркинг места, обезбедена инфраструктура, технички и санитарни услови, лифт, имотен лист или лист за предбележување.
Во одлуката стои дека објектот ќе се набави по пат на прибирање понуди со објава на јавен оглас за купување на недвижна ствар. Кога ќе се објави огласот, во одлуката не се наведува.
„Со децении Советот на Град Скопје, Градоначалникот и градската администрација се сместени во објект кој ни одблиску не ги задоволува основните потреби ниту на граѓаните ниту на градските органи и градската администрација. Со донесувањето на предложената одлука и спроведувањето на постапката ќе се набави објект со кој на траен начин ќе се реши прашањето на сместувањето на Советот на Град Скопје, Градоначалникот и градската администрација, а воедно ќе се обезбедат и подобри услови за понатамошното негово функционирање“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов.
Финансиските средства се обезбедени во буџетот на Град Скопје и се предлага да се исплаќаат до најмногу 24 еднакви рати.
Градоначалникот Петре Шилегов лани во ноември, за 12.7 милиони евра ѝ ја продаде Градската куќа на кејот на реката Вардар под тврдината Кале на австриската компанија ЕВН. Одлуката за продажба на објектот кој почна да го гради неговиот претходник Коце Трајановски беше дека се наоѓа на несоодветна локација и нема да ги собере сите вработени во Градот.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/shilegov-na-oglas-ke-bara-objekt-za-gradska-kuka-od-11-milioni-evra-vo-strogiot-tsentar-na-skopje/]