05.12.2016
Македонска филхармонија – урбан објект кој ги поместува границите и во поширокиот регион

Градењето на атрактивен објект во урбана зона е редок момент и воедно привилегија за демонстрација и афирмација на она што сме го научиле и што сме во можност да го реализираме. Особено ако постои конструкторски исчекор напред и еден нов урбан објект ги поместува границите, не само кај нас, туку во поширокиот регион.

Градбата на новиот објект „Филхармонија“ во Скопје се одвива пред очите на секојдневието, во самиот центар на градот, единствена можност да бидеме отворена сцена за луѓето што пијат кафе на Кеј или пак возат по најпрометниот булевар под стоковната куќа Мост. Ретка можност да видат како постепено никнува еден од најубавите објекти на современата македонска архитектура и едно од најатрактивните конструкторски остварувања, при што во овој објект не импонираат количините вграден материјал, ниту пак големината во километри или квадратни метри, туку формата и начинот на кој е вграден секој кубик бетон, секој килограм челик или квадратен метар кров и фасада.
Компанијата „Гранит“ ги доби на изведба токму кровот, фасадите и партерното уредување, односно деловите од градбата што се визуелно најекспонирани и се пред очите на милиони луѓе. Фактот што овој објект е јавен, и многумина кои посакуваат ќе можат да го видат одблизу, па и одвнатре, сигурно ќе ги поттикне на подлабоко размислување за големината, времето и начинот на кој е граден објектот, и кои се имињата на творците. Токму како да се двете кровни куполи на Филхармонија, две египетски пирамиди.
Иако започнат како објект од исклучителна важност и приоритет, со јасна визија за голема потреба и неговото значење за културниот живот на државата, сепак него го следат големи тешкотии од самиот почеток, уште од фазата на проектирање.
На отворениот конкурс за идјено решение победува една атрактивна закривена форма која последично бара специјален кровен систем и оригинално статичко решение на кровот и ободот. Деталите на разминување на главните кровни решетки стануваат многу комплексни, генерално, како и целата геометрија на двете куполи, а изработената работилничка документација во практичните услови за работа е тешко применлива. Северната фасада е импозантна, но и меѓу највисоките проектирани застаклени фасади кај нас. Законот за градба не остава можност проектантите да посочат комерцијален добавувач па оставени се докрај нерешени деталите за премин од кровот кон атиката, од атиката кон стаклениот дел од фасадата, од стаклената фасада кон камената облога на фасадата и за крај, поврзувањето на камената облога со партерното уредување. Тоа се токму позициите што ги работи „Гранит“, и кои позиции всушност се опфатени со овој текст.
Народот рекол: „кога не оди, не оди“. И онака бавната градба кулминира во 2013 година со целосно повлекување на дотогашниот главен изведувач „Алпине Бау“, кој објектот го напушти со речиси комплетирана АБ конструкција, во најголем дел завршена ѕидарија, делумно монтирана кровна челична носечка конструкција, а дел немонтирана и складирана на градилиште.
Година дена подоцна, како второрангирани понудувачи, фирмите „Гранит“ Скопје и „Страбаг“ подружница Скопје, ја продолжуваат натамошната изведба на објектот. „Страбаг“ го презеде ентериерот, кој сега е во завршна фаза и за што наскоро ќе следи и посебен прилог во „Порта 3“. „Гранит“ ги презеде позициите на кровот, фасадите и партерот, од кои започната беше само носечката челична конструкција на кровот, но продолжението на градбата беше во многу тешки услови поради целосно прекинатата конекција со „Алпине Бау“, отежната или оневозможена комуникација со „Македонијапроект“,со нецелосно јасен обем и квалитет на извршените работи, некомплетна изведбена документација и со непотврдена геометрија на изведените работи за кровот.
НОСЕЧКА КРОВНА ЧЕЛИЧНА КОНСТРУКЦИЈА
Од вкупно предвидените 210 тони кровна конструкција, монтирани беа околу 70 тони, околу 60 тони беа немонтирани и ставени во кругот на градилиштето, додека 70-ина тони не биле воопшто изработени.
Но на ваквиот конгломерат од изведбата на челичната конструкција се надоврзаа редица неочекувани технички пречки поврзани со неа, како што се: изменети детали кај „разминувачките“ јазли на главните решетки, изменети детали за налегање и воочени геометриски отстапувања во просторните координати кај монтираната конструкција. Ненадејниот прекин на работите на објектот се рефлектирал во редица недовршени работи кај монтажните подврски, недовршено заварување и недовршена антикорозивна заштита, не се поставени дел од монтажните, има недовршени анкерни склопови и оштетени анкери.
Резултатите од две независно спроведени 3Д мерења на геометријата на бетонските лежишта и челичната конструкција, укажаа дека делови од монтираните решетки ќе мора геометриски да се корегираат, како би го фатиле правецот кон лежиштата на спротивната страна од куполата. Дигиталните копии од 3Д моделите за статичка пресметка и изработка на конструкцијата не беа компатибилни со нашиот софтвер. Во еден ваков сплет на околности, со голема поддршка на инвеститорот и надзорниот орган, „Гранит“ ги носи двете круцијални одлуки за кровот. Првата, самостојно да изврши комплетно повторена 3Д статичка пресметка на куполите, за која цел е ангажирана проектантската фирма „Вирендел“ од Скопје. Втората одлука е за подизведувач на кровната челична конструкција да биде назначен „Факом“ од Скопје, фирма со најголем производствен капацитет, најголемо искуство и сопствена логистика за производство и монтажа на специјални и габаритни метални конструкции.
Новоформираниот тим мораше да изработи и тестира нови нумерички модели за своите потреби, но поучени од претходното искуствo, ни стана јасно дека сите изведбени работи на куполите мора да се приспособат кон ефикасна, брза и безбедна монтажа на челичната конструкција, со што е можно повеќе работа во фабрика и на земја отколку на градилиште и „во воздух“, со императив на користење на сите расположливи ресурси за монтажа на кровната конструкција во и онака тесното градилиште.
Како резултат на голем заеднички ангажман и хармонизација, во многу краток рок постигнат е виден напредок:
= На располагање е ставен софистициран 3Д модел за статичка пресметка како и 3Д модел за производство и монтажа на челичната конструкција.
= Донесена е цврста одлука постоечката кровна конструкција да се демонтира и сите доработки да се направат во фабрика, со исклучок на централната четирипојасна решеткаста конструкција која ќе се санира на самото место.
= Изработени се десетина елаборати со пресметки и детали од кои најважните се однесуваат на разминувањето на главните решетки, реконструкција на постоечките анкерни плочи и поедноставен детаљ за неизведените лежишта.
= Монтажата би се одвивала во големи конструктивни склопови кои ќе бидат формирани на земја, составени од две главни соседни надолжни решетки меѓусебно поврзани со соодветните попречни елементи, односно со деловите од попречните главни решетки.
Конечно се најде излезот од лавиринтот, и градбата можеше да продолжи.
Од конструктивен аспект, кровната носечка конструкција претставува спој на две куполи, од кои северната – голема купола претставува 2/3 од вкупната кровна површина и е со форма на неправилна потпрена сферна апсидна лушпа со радиус од 40 метри, додека јужната – мала купола е произволно дефинирана двострано закривена лушпа, без точна математичка формулација, и со геометрија која може да се реплицира во простор исклучиво со современа дигитална технологија. Куполата е всушност мрежа од голем број вертикално поставени рамнински решетки кои во основа формираат квадратна шема со точен растер од 4,00 х 4,00 метри. Висина на решетките е константно h = 2,50 метри, сите појаси се од кутијаст профил 150/150/6, а појасите на главните решетки теоретски формираат сложен просторен продор кој во пракса мора да се поедностави. Притоа, во континуитет се конструираат подолжните решетки, додека попречните решетки се испрекинати. Комплексноста на геометријата кулминира кај малата купола каде не постојат две идентични дијагонали, ниту две идентични вертикали.
Од статички аспект, големата купола е потпрена на три страни врз АБ фасадни лачни греди, а четвртата страна врз просторната челична решетка, додека подолжните решетки (правец север-југ) се потпираат на уште една средишна АБ лачна греда која го скратува нивниот распон, ги прави покрути и ги промовира во главен носечки правец. Малата купола исто така лежи врз три АБ фасадни лачни греди и врз просторната челична решетка, при што овој пат распоните север-југ се пократки, така што правецот на главните решетки е истиот од големата купола. Продорот на малата во големата купола се случува врз четирипојасна крута лачна решетка. Сите појасите се кутијасти профили 200/200/8 , висината на решетката е константни h = 2,50 m, а ширината се менува од bs=1,00 до be=2,50 m. Од статички аспект, централната решетка е континуална лачна греда потпрена на три зглоба, а куполите налегнуваат врз горните појаси.
Еден од најкомплексните детали кои требаше да се редизајнираaт е всушност разминувањето или попрецизно да се каже „просекувањето“ на подолжните и попречните решетки. Статички гледано, при разминувањето клучно е јазелот од подолжната решетка која е изведена во континуитет, да овозможи соодветна локална крутост и трансфер на силата од појасот на попречната решетка.
Монтажата започна од големата купола и тоа со средниот, најтежок склоп од преку 17 тони, едноставно како да сите имаа желба за верификување на етаблираниот нов концепт за производство и монтажа на кровната конструкција. И успеавме. Полесно од очекувањата. Неколку месеци подоцна започна монтажата и на малата купола. Иако со многу стекнато искуство, охрабрени и полни со самодоверба, со целосно концентрирани ресурси, нејзината монтажа траеше подолго споредено со големата купола.
КРОВЕН ПОКРИВАЧ СИСТЕМ Kalzip
Кровниот покривач е систем Kalzip GmbH – Германија, модификација на познатиот Bemo систем, специфичен по возможноста за профилирање на закривени и со променлива широчина алуминиумски канали за фалцување, кај нас познати како „шорни“.
Кровниот пакет е прикажан на сликата од примерокот на Kalzip и се состои од:
– Носечки челичен перфориран лим TR106/250, со дебелина од 0,88 до 1,25 мм
– Парна брана со дебелина од 1 мм
– Термичка и звучна заштита со 12 см тврдо пресувана камена волна 120 кг/м3
– Закривени алуминиумски кружни цевки ф=80 мм, со можност за нивелирање
– Исполна на слободниот простор со камена волна со 40 кг/м3
– Монтажа и фалцување на канали од алуминиумски лим t=1,0 мм
Целиот кровен пакет овозможува носивост и до 200 кг/м2, а звучната заштитa е 43 Db. Шемата за кроење и виткање на алуминиумските канали е генерирана компјутерски и виткањето е потполно автоматизирано. За да се постигне бараната двојна закривеност на кровот, потребни се многу прецизни податоци за формата на челичната носечка конструкција, поради што 3Д геометријата за двете куполи претходно е скенирана со специјални камери носени од дрон. Олуците, снегобраните, разни кровни држачи, отвори на кровот и скали за ревизија се дадени како системни решенија. Неофицијално, малата купола е најсложениот кров во Европа покриен со системот Kalzip. Монтажата ја изврши фирмата „Прототип“ од Скопје.
[https://www.porta3.mk/urban-objekt-koj-gi-pomestuva-granicite-i-vo-poshirokiot-region/]