Старата зграда на ЕСМ ќе се обнови и однатре и однадвор, фасадата на „Пелагонија“ чека да заврши судскиот спор



За фасадата на „Пелагонија“, која е оставена оголена со години, Град Скопје нема конкретна информација кога нешто ќе се преземе затоа што сѐ уште трае судски спор, а од ЕСМ најавуваат дека целосно ќе го реконструираат нивниот објект.
Повеќе од една деценија два објекта го нагрдуваат најстрогиот центар на Скопје, едниот со оголена фасада, другиот со допола извадена и руинирана.
Зградите на „Пелагонија“ и на ЕСМ очигледно одамна не им паднале на ум на градските власти и не им се меѓу приоритетните работи за решавање, затоа што веќе со години нема конкретен одговор што и кога планираат да направат со нив.
Притоа, за „Пелагонија“ досега се исплатени околу еден милион евра, кои се потрошени за тоа зградата да изгледа каква што е сега – со започната и незавршена фасада, со подиздадени прозорци на неа, незаштитена и препуштена на сите временски услови, кои оставаат трага и ја прават небезбедна за граѓаните што минуваат под објектот.
Идејата за менување на фасадите датира од почетокот на реализацијата на проектот „Скопје 2014“, но на првиот тендер за избор на идејно решение за зградата на „Пелагонија“ во 2011 година никој не се јавил. На вториот конкурс спроведен истата година, првонаградено беше идејното решение на Лазар Димов и Никола Стакинов. Во 2014 година во реконструкцијата на оваа фасада се вклучи и фирмата што е сопственик на зградата „Д-р Пановски“.
Во 2015 година, Град Скопје, во мандатот на градоначалникот Коце Трајановски, склучи два договора за реконструкција на фасадата на „Пелагонија“, еден во вредност од 1,9 милиони евра и уште еден од 800 илјади евра. За изведување на работите беше избрана фирмата „ЛСГ Билдинг солушнс“, на која до 2022 година, според податоците, ѝ биле исплатени нешто повеќе од еден милион евра. Со оглед дека таа фирма нема други договори со Градот, исплатите, од кои последната била извршена во 2022 година, се за објектот „Пелагонија“.
Ексградоначалникот Петре Шилегов го запре барокното „преслекување“ на објектот, но зградата потоа не доби никаква фасада. Последната информација за тоа што се презема околу овој објект датира од времето на Шилегов, кога тој објасни дека повеќе од една година се вршат преписки со сопственикот на објектот „Д-р Пановски“ бидејќи според договорот со Градот, фирмата требало да предложи член на комисијата што ќе распише конкурс за идејно решение.
Потоа, до крајот на неговиот мандат, фасадата не се спомена, исто како и во наредните четири години додека градоначалник беше Данела Арсовска.
Сега од Град Скопје тврдат дека остануваат посветени на уредувањето на централното градско подрачје и подобрувањето на изгледот на клучните објекти, вклучително и „Пелагонија“ и објектот на ЕСМ.
Во однос на „Пелагонија“, договорот е раскинат во време на Петре Шилегов, по што следува судски спор против Градот кој што сѐ уште не е целосно завршен. Во однос на објектот на ЕСМ, иако претходните одлуки за фасадите се укинати, постои важечка програма донесена во 2020 година и дополнета во 2021 година, со која е предвидена можност за интервенции. Ситуацијата налага дополнително усогласување, финансиско планирање и дефинирање на идните чекори кои би биле превземени – велат оттаму.
Како што објаснуваат од Град Скопје, се прават анализа на состојбите и се разгледува сите можности за понатамошно постапување, во координација со надлежните институции и сопствениците.
Во однос на изгледот на фасадите, актуелниот пристап е насочен кон современи, функционални и одржливи архитектонски решенија кои ќе одговараат на урбаниот контекст и јавниот интерес. Целта е да се обезбеди долгорочно квалитетно и естетски прифатливо уредување на градското јадро – одговараат од Градот на прашањето дали, кога ќе се завршат, фасадите ќе бидат модерни или барокни.
Старата зграда на ЕСМ исто така требаше да добие барокна фасада, но и ден-денес е во ужасна состојба, со дел извадена, дел руинирана фасада.
Од компанијата не се зафаќаа со обнова на фасадата затоа што со години чекаа да се преселат во новоизградениот објект спроти Музејот на Град Скопје, затоа што поради разни недостатоци, и покрај тоа што беа потрошени 17 милиони евра за нејзината изградба, зградата немаше технички прием со години.
Но и без извршен технички прием, со одлука на Владата во новиот објект каде требаше да се вселат вработените на АД ЕСМ, во јануари минатата година се всели Министерството за енергетика, па на ЕСМ не му преостана друго освен да се погрижи за реновирање на старата зграда лоцирана до Порта Македонија.
Оттаму велат дека се планира целосна реконструкција на старата деловна зграда, која со години е во лоша состојба и не нуди соодветни услови за работа.
Проектот за енергетска реконструкција на деловна зграда на АД ЕСМ – Дирекција предвидува комплетно обновување на објектот, и однатре и однадвор. Тоа вклучува темелна реконструкција по катови, замена на сите инсталации, нови подови, преградни ѕидови и подобрување на работните услови, како и поставување нов систем за греење и ладење, целосно нова електрична мрежа со интегриран БМС (Building Management System) и модерна енергетски ефикасна фасада со вградени фотоволтаици за производство на електрична енергија за сопствени потреби – велат од компанијата.
Според првичната процена, како што објаснуваат, инвестицијата ќе изнесува околу 7 милиони евра. Поради тоа, во тек е комуникација со Европската банка за обнова и развој, во чии рамки ќе се изработи длабинска анализа за утврдување на конечната вредност и моделот на реализација на проектот. Како што велат, анализата ќе биде финансирана преку грант средства од РЕЕП програмата (Regional Energy Efficiency Programme), а оттаму очекуваат и дополнителна инвестициска поддршка.
По завршувањето на сите подготвителни фази ќе се пристапи кон изработка на основен проект, ревизија, надзор и изведба. Со реализацијата објектот ќе добие современ архитектонски изглед, ќе се намали потрошувачката на енергија за околу 30 отсто и ќе се овозможи целосна функционалност и искористеност на зградата, со очекуван рок на реализација до почетокот на 2028 година – тврдат од АД ЕСМ.
Тоа значи дека за нецели две години објектот на Електраните ќе заличи како што треба. Но, кога тоа ќе се случи и со зградата која е на 50-ина метри оддалеченост
[https://www.slobodenpecat.mk/starata-zgrada-na-esm-kje-se-obnovi-i-odnatre-i-odnadvor-fasadata-na-pelagonija-cheka-da-zavrshi-sudskiot-spor/]