19 февруари 2021
ГО СЛУШНАВМЕ ГЛАСОТ НА НАРОДОТ, ПРОЛЕТВА ЌЕ СЕ УРНЕ ДИВОГРАДБАТА НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ ЗАЕВ
Пролетва ќе се урне дивоградбата што требаше да биде споменик на Мајка Тереза и која го блокира влезот на Плоштадот Македонија, а која почна да ја гради експремиерот Никола Груевски пред 8 години, најави денеска премиерот Зоран Заев. САКАМДАКАЖАМ.МК денеска го праша премиерот зошто власта на СДСМ четири години дозволува сред центарот на Скопје да стои 32-метарската бетонска дивоградба за која архитектите, урбанистите и граѓаните бараат да се урне оти го крши Уставот и низа закони. Заев одговори дека јасно му е што е барањето на граѓаните, го слушнал гласот на јавноста и верува дека пролетва споменикот ќе го нема и пристапот кон Плоштадот ќе биде слободен.
„Без разлика на желбите на Владата, на премиерот и на другите функционери што можете да направите со нешто за што се потрошени народни пари и е дојдено во состојба во која треба да одлучите дали ќе го отстраните или ќе го продолжите, морате да внимавате и на правните аспекти. После слушање на гласот на граѓани одлуката е јасна и кај нас како Влада и кај Град Скопје, овој објект мора да се отстрани за да може градот да дише. Но, мора да почекаме да завршат правните аспекти бидејќи не можете слушајќи го гласот на народот веднаш да постапувате. Јас верувам дека оваа пролет ќе имаме правно решение за да можеме пролетва да го отстраниме овој објект“, рече Заев кој денеска присуствуваше на почетокот на градежните работи на Град Скопје за реконструкција на Кеј 13 Ноември.
Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде в затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.
[https://sdk.mk/index.php/makedonija/go-slushnavme-glasot-na-narodot-proletva-ke-se-urne-divogradbata-na-ploshtadot-makedonija-reche-zaev/]
////////////////////////////////////////////////////////////////
12 мај 2021
ВЛАСТА НЕМА НАМЕРА ДА ГО УРНЕ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА КОЈ Е ДИВОГРАДБА И 7 ГОДИНИ ГО БЛОКИРА ВЛЕЗОТ НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА
Споменикот на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија во Скопје, кој е дивоградба и прекршува низа закони, уште стои нечепнат. Оваа дивоградба ја загрозува и безбедноста, бидејќи е блокиран влезот на Плоштадот. Власта на СДСМ нема абер да ја урне бетонската дивоградба која почна да ја гради експремиерот Никола Груевски, а која архитектите и стучната јавност бараат веднаш да се отстрани.
Премиерот Зоран Заев на 19 февруари на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК кажа дека го чуле гласот на народот и споменикот пролетва ќе се отстрани. Но, од изјавата на Заев поминаа три месеци и не само што споменикот не е урнат, туку постапките за отстранување не се мрднати од место.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ признава дека нема никаков напредок во постапките за уривање на споменикот, но вели дека тоа е така бидејќи чекаат документи од Министерството за култура.
„На 26 април, испративме допис до Министерството за култура во кој бараме да ни се достави целокупната документација за овој споменик, кој е всушност нивни проект. Врз основа на таа документација треба да се утврдат прекршувањата за да може споменикот да се урне. До денеска немаме добиено одговор“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.
СДСМ е на власт на централно и на локално ниво четири години и ништо не направи да отстранување на оваа дивоградба. На градоначалниците на Општина Центар Саша Богдановиќ и на Град Скопје Петре Шилегов за 4 месеци ќе им истече мандатот, а дивоградбата која и двајцата остро ја критикуваат и велат дека треба да се отстрани, уште стои.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/vlasta-nema-namera-da-go-urne-spomenikot-na-majka-tereza-koj-e-divogradba-i-7-godini-go-blokira-vlezot-na-ploshtad-makedonija/]
////////////////////////////////////////////////////////////
10 јули 2021
ВАТИКАН БАРА ДА СЕ ДОГРАДИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА КОЈ Е ДИВОГРАДБА
Ватикан бара споменикот дивоградба на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија во Скопје да се доизгради, а спомен куќата на улица Македонија да биде управувана од Католичката црква. Ова било побарано од претседателот Стево Пендаровски при посетата на Ватикан на 24 Мај, на одбележувањето на Свети Кирил и Методиј.
Од кабинетот на Претседателот за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека на средбата со државниот секретар на Ватикан Пјетро Пароли биле отворени одредени прашања поврзани со статусот и правата на верниците од католичка вероисповед од земјава, не прецизирајќи што конкретно било побарано.
„По враќањето во земјата претседателот барања на Светата Столица ги пренесе на надлежните институции во државата за натамошно постапување“, велат од кабинетот на претседателот Пендаровски.
Пендаровски за барањата од Ватикан го известил Министерството за надворешни работи од каде што деновиве испратено е писмо до Министерството за култура, Град Скопје и Општина Центар.
„При посетата на претседателот Стево Пендаровски на Светата Столица во рамките на одбележувањето на 24 Мај, од ватиканска страна беа покренати прашања за статусот на меморијалниот споменик на Мајка Тереза во Скопје, како и изградба на светилиште во нејзин спомен. Светата Столица бара меморијалната спомен куќа да биде управувана од Католичката црква (одржување на миси и католички верски обреди) и да се заврши проектот за изградба на светилиште во родниот град“, стои во писмото на МНР.
Од Министерството за култура под чија надлежност е споменикот ги потврдуваат ваквите барања од Ватикан и велат дека предметот е во процес на разгледување и консултации. Од Град Скопје и Општина Центар ни рекоа дека немаат добиено писмо со барањата од Ватикан.
Споменикот на Мајка Тереза прекршува низа закони и ја загрозува безбедноста бидејќи се наоѓа на улица и го блокира влезот на Плоштадот. Кога почна да се гради беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот.
Откако Рој отиде во затвор во Индија оти не платил оштета на измамени инвеститори, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.
Власта на СДСМ која како опозиција жестоко го критикуваше овој проект и вели дека го слуша гласот на народот и стручната јавност пет години не сака да ја отстрани бетонската градба. Постојано се наоѓаат оправдувања дека се чекаат мислења од една и друга институција, дека Општина и Градот не се надлежни и дека Министерството за култура треба да ја донесе одлуката.
Премиерот Зоран Заев на 19 февруари на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК кажа дека го чуле гласот на народот и споменикот пролетва ќе се отстрани. Но, од изјавата на Заев помина половина година и не само што споменикот не е урнат, туку постапките за отстранување не се мрднати од место.
[https://sdk.mk/index.php/makedonija/vatikan-bara-da-se-dogradi-spomenikot-na-majka-tereza-na-ploshtad-makedonija-koj-e-divogradba/]
/////////////////////////////////////////////////////////////////////
5 октомври 2021
„БЕТОН“ ГО ТУЖИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЗА ДОЛГ ЗА СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА, ДИВОГРАДБАТА И ПОНАТАМУ НЕ СЕ УРИВА
Градежната фирма „Бетон“ го тужи Министерството за култура за неисплатени побарувања од околу 4 милиони евра за споменикот на Мајка Тереза во најстрогиот центар на Скопје. Градежната фирма по судски пат си ги бара парите за кои е склучен договорот со мината власт, откако градежните работи на споменикот беа стопирани. Градбата на дивоградбата, која се наоѓа среде улица и го блокира и влезот на Плоштадот Македонија, е стопирана пет години, но власта нема храброст да ја урне и покрај барањата на стручната јавност.
Од Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека се води судски спор со АД „Бетон“ за споменикот на Мајка Тереза.
„Од причини што веќе е поведен судски спор, во оваа фаза не може да се прецизира колку финансиски средства и дали Министерството должи на АД ‘Бетон‘. Од реализацијата на договорот настанати се отворени побарувања и на двете договорни страни, односно и Министерството за култура има предјавено свои побарувања. Во судската постапка по завршувањето на спорот од страна на судот ќе биде утврден исходот на постапката“, велат од Министерството за култура.
На нашето прашање зошто уште се дозволува дивоградбата на стои на Плоштадот и не се урива, од Министерството за култура велат дека тие се инвеститори, но Општина Центар има надлежност врз планирањето, дозволите за градење како и прогласување на дивоградби и постапување по нив.
„Сите сме веќе изморени и нервозни од тоа непрестано лоцирање чија е надлежноста и одговорноста. Очигледен е фактот дека споменикот на Мајка Тереза е буквално среде улица. Мислиме дека овој објект треба да биде демонтиран“, велат од Министерството за култура.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/beton-go-tuzhi-ministerstvoto-za-kultura-za-dolg-za-spomenikot-na-majka-tereza-divogradbata-i-ponatamu-ne-se-uriva/]
////////////////////////////////////////////////////////////
29 јули 2022
СДСМ ЌЕ ГО ДОГРАДИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА, ДИВОГРАДБА НА ВМРО-ДПМНЕ ШТО БЛОКИРА ВЛЕЗ НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА, НАМЕСТО ДА СЕ УРНЕ ЌЕ ИМА КОНКУРС ЗА НОВ ИЗГЛЕД
Власта на СДСМ ќе го доградува таканаречениот споменик на Мајка Тереза кој е дивоградба, се наоѓа среде улица, го блокира влезот на Плоштадот Македонија и прекршува низа закони.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК до министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска што се планира со споменикот кој власта од која сега таа е дел 5 години не го чепка, а кога беше опозиција остро го критикуваше, рече дека тој нема да се урива туку единствено решение е да се догради според идеја на стручната јавност.
„Ќе се распише конкурс на кој архитектите ќе можат да предложат решение како тој дел да се уреди и колку што може да се спаси просторот“, рече Костадиновска-Стојчевска не прецизирајќи кога точно ќе биде распишан конкурсот.
За објектите од „Скопје 2014“ меѓу кои и споменикот на Мајка Тереза, Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 формираше работна група. Работната група во извештајот кажа дека оваа бетонска дивоградба треба веднаш да се урне затоа што освен што прекршува низа закони, ја загрозува и безбедноста на Плоштадот.
Но, Владата не го послуша мислењето на стручната јавност и уште пред три години најави дека ќе распише конкурс за идејно решение за доградба на споменикот оти помалку пари ќе се потрошат отколку за уривање. На оваа идеја реагираше стручната јавност па и тогашниот градоначалник Петре Шилегов, кои рекоа ако се распише конкурс ќе го затрупаат Министерството за култура со решенија за уривање на дивоградбата.
По реакциите конкурсот не се објави, па се случи коронакризатата и овој проблем повторно се стави на страна без решение. Сега Владата предводена од СДСМ повтороно ја враќа во игра идејата Плоштадот да се забетонира со бетонско здание и да не може да влезат возила на Брза помош или Пожарна.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/sdsm-ke-go-dogradi-spomenikot-na-majka-tereza-divogradba-na-vmro-dpmne-shto-blokira-vlez-na-ploshtadot-makedonija-namesto-da-se-urne-ke-ima-konkurs-za-nov-izgled/]
////////////////////////////////////////////////////////////
29 јули 2022
НЕ РЕКОВ ДЕКА ЌЕ СЕ ДОГРАДУВА ТУКУ ЌЕ СЕ РАСПИШЕ КОНКУРС ЗА РЕШЕНИЕ ЗА ПРОСТОРОТ, СЕ ДООБЈАСНУВА МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ЗА ДИВОГРАДБАТА СПОМЕНИК НА МАЈКА ТЕРЕЗА НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели дека не рекла оти ќе се доградува дивоградбата споменик на Мајка Тереза која го блокира влезот на Плоштадот Македонија, туку ќе се распише конкурс за стучната јавност да понуди решение за просторот согласно можностите за пренамена. Но, стручната јавност уште пред 4 години ѝ кажа на Владата дека споменикот треба да се урне.
Во одговорот на новинарското прашање, министерката Костадиновска-Стојчевска во ниту еден момент не изјави дека споменичната скулптура на Мајка Тереза ќе се доградува или ќе се урива. Министерката, во својата изјава, вели дека ќе се распише конкурс со цел стручната јавност да предложи прифатливо решение за овој простор. Решението за иднината на овој објект, всушност, се бара да биде понудено од стручната фела имајќи ги предвид можностите за пренамена во согласност со урбанистичката планска документација за предвидената парцела“, се вели во реакцијата од министерката Костадиновска-Стојчевска.
Стручната јавност за овој споменик кажа дека треба да се урне уште пред три години бидејќи прекршува низа закони, се наоѓа среде улица и го блокира влезот на главниот плоштад во земјава Токму тоа го кажа во својот извештај работната група за проектот „Скопје 2014“ која ја формираше Владата на СДСМ по доаѓањето на власт. Координатор на работната група беше проф. Мирослав Грчев кој во јануари 2019 за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека изградбата на споменикот на Мајка Тереза е најсурово прекршување на низа закони, правниот поредок и владеењето на правото и тој треба да се отстрани.
„Ако сакате да речете дека ги спроведувате законите, тогаш нема дилема дека тој објект треба да биде отстранет. Се работи за тежок злочин, злоупотреба на јавен простор, тешка кражба и криминал. Споменикот е ставен на место кое ниту една земја, колку и да е фашистичка, нема да го смести. Прекршени се Законот за градба, Закон за споменици, Закон за буџет, Законот за градење и урбанистичко планирање. Очигледно е што треба да се направи“, кажа Грчев.
Но, и покрај ваквиот извештај на работната група, Владата во 2019 одлучи споменикот дивоградба да не се урива туку да се пренамени оти тоа било поевтино. Тогаш од Владата рекоа дека дека ќе распишат конкурс за избор на идејно решение во што да се пренамени дивоградбата.
По ова тогашниот претседател на Асоцијацијата на архитекти Пановски си даде оставка од работната група велејќи дека не сака да е алиби за довршување на проектот „Скопје 2014“.
Архитектите па и тогашниот градоначалник Петре Шилегов исто така реагираа на идејата на Владата да се пренамени објектот и да продолжи да блокира влез на Плоштадот и да ја загрозува безбедноста и рекоа дека на конкурот ќе го затрупаат Министертсвото за култура со решенија за уривање на дивогрдабата и просторот повторно да стане улица.
Влезот на Плоштадот Македонија веќе седма година стои затворен со тараби а меѓу нив се издига бетонската дивоградба. За граѓаните е оставена тесна патека за минување низ тарабите.
Владата на СДСМ е на власт 5 години и буквално ништо не направи да се реши ова прашање кои кога партијата беше во опозиција остро го критикуваа и велеа дека е криминален проект на ВМРО-ДПМНЕ. Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК изминативе години постојано пишуваше и ги прашуваше надлежните Општина Центар, Град Скопје, Министерство за култура и Владата зошто не преземаат ништо туку напротив дозволуваат сред центар на градот да стои бетонска дивоградба. Секогаш добивавме одговори со префрлање на одговорност од едни на други, а во пракса ништо не направи по ова прашање.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/ne-rekov-deka-ke-se-dograduva-tuku-ke-se-raspishe-konkurs-za-reshenie-za-prostorot-se-doobjasnuva-ministerkata-za-kultura-za-divogradbata-spomenik-na-majka-tereza-na-ploshtadot-makedonija/]
//////////////////////////////////////////////////////
15 јуни 2024
СДСМ 8 ГОДИНИ НЕ ГО УРНА СПОМЕНИКОТ-ДИВОГРАДБА НА МАЈКА ТЕРЕЗА ШТО ГО БЛОКИРА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА, Ѝ ГО ОСТАВИ НА ВМРО-ДПМНЕ ДА ГО ДОГРАДИ
Осум години споменикот-дивоградба на Мајка Тереза го блокира влезот на Плоштадот Македонија, а Владата на СДСМ која жестоко го критикуваше проектот „Скопје 2014“ додека беше на власт осум години, не го чепна. Споменикот кој почна да се гради во времето на експремиерот Никола Груевски прекршува низа закони, но и покрај тоа не се најде желба и волја кај власта на СДСМ да го отстрани и да го ослободи овој јавен простор, кој и така е затрупан со споменици и градби.
Од Министерството за култура, иако изминативе години имаше најави дека ќе се бара решение за бетонската дивоградба преку распишување на конкурс за негова пренамена, сега велат дека ништо не се презело оти имало судски спорови со изведувачот.
„Судскиот спор помеѓу Министерството за култура со фирмата изведувач, која е во стечај, како и скоро сите фирми кои работеа на објектите од ‘Скопје 2014‘, сѐ уште трае. Тоа го комплицираше преземањето на какви било други понатамошни дејствија врз скулптурална композиција на Мајка Тереза. Немањето правен основ за понатамошно постапување го пролонгираше и објавувањето на Конкурсот за ново идејно решение и намена за градбата на објектот“, велат од Министерството за култура.
За објектите од „Скопје 2014“, меѓу кои е и споменикот на Мајка Тереза, Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 формираше работна група. Работната група во извештајот кажа дека оваа бетонска дивоградба треба веднаш да се урне затоа што освен што прекршува низа закони, ја загрозува и безбедноста на централниот Плоштад во земјава.
Но, Владата не го послуша мислењето на стручната јавност и најави дека ќе распише конкурс за идејно решение за доградба на споменикот оти помалку пари ќе се потрошат отколку за уривање. На оваа идеја реагираше стручната јавност, па и тогашниот градоначалник Петре Шилегов, кои рекоа дека ако се распише конкурс ќе го затрупаат Министерството за култура со решенија за уривање на дивоградбата.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/sdsm-8-godini-ne-go-urna-spomenikot-divogradba-na-majka-tereza-shto-go-blokira-ploshtadot-makedonija-go-ostavi-na-vmro-dpmne-da-go-dogradi/]
///////////////////////////////////////////////////////////
18 септември 2024
ВЛАДАТА НА ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ГО ДОГРАДИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДOНИЈА ВО СКОПЈЕ ИАКО Е ДИВОГРАДБА И ЈА ЗАГРОЗУВА БЕБЕДНОСТА
Владата ќе го догради споменикот на Мајка Тереза иако е дивоградба, прекршува низа закони и го блокира влезот на Плоштадот Македонија во центарот на Скопје. Од Министерството за култура и туризам за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека овој објект ќе биде довршен.
„Сè што е оставено од објектите во недовршена фаза и е со уредна документација, ќе биде довршено. Објектот за кој прашувате има уредна документација“, ни одговарија од Министерството за култура и туризам.
За објектите од „Скопје 2014“, меѓу кои е и споменикот на Мајка Тереза, Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 формираше работна група. Работната група во извештајот кажа дека оваа бетонска дивоградба треба веднаш да се урне затоа што освен што прекршува низа закони, ја загрозува и безбедноста на централниот Плоштад во земјава.
За овој објект се води судски спор помеѓу Министерството за култура со фирмата изведувач „Бетон“ која е во стечај.
Владата на СДСМ, која жестоко го критикуваше проектот „Скопје 2014“, додека беше на власт осум години не го чепна овој објект. Споменикот кој почна да се гради во времето на експремиерот Никола Груевски прекршува низа закони, но и покрај тоа не се најде желба и волја кај власта на СДСМ да го отстрани и да го ослободи овој јавен простор, кој и така е затрупан со споменици и градби.
Но, Владата не го послуша мислењето на стручната јавност и најави дека ќе распише конкурс за идејно решение за доградба на споменикот оти помалку пари ќе се потрошат отколку за уривање. На оваа идеја реагираше стручната јавност, па и тогашниот градоначалник Петре Шилегов, кои рекоа дека ако се распише конкурс ќе го затрупаат Министерството за култура со решенија за уривање на дивоградбата. Но, конкурс не беше распишан и сега новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го довршува објектот.
Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен-плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде в затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.
Премиерот Христијан Мицкоски пред еден месец најави дека сите недовршени објекти од проектот „Скопје 2014“ ќе се доградат. Рече дека ќе се консултураат архитекти и стручна јавност дали е можно да не бидат во барок како што им беше првичниот проект, оти тој повеќе преферира модерни градби.
Целиот проект „Скопје 2014“, со спомениците, квазибарокните згради и менувањето на фасадите во барок на најзначајните објекти од македонската модерна архитектура што засекогаш го промени ликот на главниот град, чинеше 700 милиони евра.
[https://sdk.mk/index.php/makedonija/vladata-na-vmro-dpmne-ke-go-dogradi-spomenikot-na-majka-tereza-na-ploshtadot-makedonija-vo-skopje-iako-e-divogradba-i-ja-zagrozuva-bebednosta/]
/////////////////////////////////////////////////////////
6 август 2025
ЌЕ СЕ ДОВРШИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА КОЈ Е ДИВОГРАДБА, ЉУТКОВ ВЕЛИ ДА СЕ УРНЕ БИ БИЛО ДУПЛО ПОСКАПО
Министерството за култура ќе го доврши споменикот на Мајка Тереза, кој е дивоградба и го блокира влезот на Плоштадот Македонија во најстрогиот центар на Скопје. Министерот за култура Зоран Љутков вели дека како и останатите незавршени објекти и овој споменик ќе се доврши, но не даде детали кога ќе се почне со градежни работи.
„Има еден куп проекти кои што се застанати и наша тенденцијата е сите да се завршат. Рушење од практични причини не е добро, затоа што ќе чини дупло повеќе тоа што до сега е изградено да се сруши отколку да се доизгради“, рече Љутков одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Споменикот на Мајка Тереза е меѓу објектите од озлогласениот проект „Скопје 2014“ за кој Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски потроши околу 700 милиони евра. За објектите од „Скопје 2014“ Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 формираше работна група, која во извештајот кажа дека бетонската дивоградба споменик на Мајка Тереза треба веднаш да се урне затоа што освен што прекршува низа закони, ја загрозува и безбедноста на централниот плоштад во земјава.
Владата на СДСМ, која жестоко го критикуваше проектот „Скопје 2014“, додека беше на власт осум години не го чепна овој објект. Споменикот кој почна да се гради во времето на експремиерот Никола Груевски прекршува низа закони, но и покрај тоа не се најде желба и волја кај власта на СДСМ да го отстрани и да го ослободи овој јавен простор, кој и така е затрупан со споменици и градби.
Но, Владата на СДСМ не го послуша мислењето на стручната јавност и најави дека ќе распише конкурс за идејно решение за доградба на споменикот оти помалку пари ќе се потрошат отколку за уривање. На оваа идеја реагираше стручната јавност, па и тогашниот градоначалник Петре Шилегов, кои рекоа дека ако се распише конкурс ќе го затрупаат Министерството за култура со решенија за уривање на дивоградбата. Но, конкурс не беше распишан и сега новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го довршува објектот.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/ke-se-dovrshi-spomenikot-na-majka-tereza-na-ploshtad-makedonija-koj-e-divogradba-lutkov-veli-da-se-urne-bi-bilo-duplo-poskapo/]