30 Јануари, 2013
Се подготвува теренот за градбите на Кондоминас – Офицерски дом и луксузен хотел
Барокната еуфорија нема да застане само со промената на фасадите на објектите. Деновиве интензивно се расчистува теренот на плоштадот Македонија за изградбата на Офицерскиот дом и луксузниот хотел, што ќе ги гради грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас, објекти кои нормално со својот изглед ќе бидат во склоп на “Скопје 2014”. Се работи за локацијата каде што сега се наоѓа паркингот на ЈП “Градски паркинг” и велосипедскиот пункт. Парцелата од 6.308 метри квадратни, грчкиот бизнисмен во 2011 година ја купи за 630.000 евра и најави дека инвестицијата ќе изнесува околу 50 милиони евра.Според маркиците од Деталниот урбанистички план Мал Ринг, двата објекта треба да бидат со максимална висина од 29 метри, а хотелот треба да има четири ѕвезди. Новиот газда е должен дел од Офицерскиот дом без надоместок да го отстапи во функција на градските власти, и тој ќе се користи како резиденција на скопскиот градоначалник, а во него ќе се смести и матичната служба. Гркот Кондоминас во својата земја важи за контроверзен и мистериозен бизнисимен, а македонската канцеларија за правни совети “Транспаренси Македонија” тврди дека е вклучен во корупцискиот скандал за “Дојче телеком”, во 2011 година. Грчкиот бизнисмен имаше и земјиште кај хотелот “Александар палас”, каде што требаше да гради трговски и бизнис центaр, но идејата пропадна бидејќи голем дел од земјиштето беше вратено со денационализација, па подоцна парите за земјиштето му беа вратени. Грчките медиуми пак, неговите инвестиции во Македонија ги коментираа како политички обид на тогашната грчка власт, за промена на македонскиот став за спорот за името.
[https://faktor.mk/se-podgotvuva-terenot-za-gradbite-na-k/obvinitelstvoto-mu-zamrzna-imot-na-biznismenot-borche-markovski-]
///////////////////////////////////////
04 август 2015
Контоминас го почна, Самсоненко ќе го финишира Офицерскиот дом


Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко минатата недела стана газда на фирмата што интензивно ги гради Офицерскиот дом и хотелот веднаш до него, лоцирани на скопскиот плоштад близу до споменикот „Воин на коњ“.
Самсоненко, всушност, ја презема фирмата „ДЦ прајм пропертис“ од познатиот грчки бизнисмен Димитрис Контоминас, кој во 2011 на аукција го купи атрактивното државно земјиште (6.300 квадрати) и се обврза таму да го обнови Офицерскиот дом и да изгради хотел во стилот на проектот „Скопје 2014“.
За целата парцела тој плати нешто повеќе од 620.000 евра или по 100 евра за квадрат.
Во медиумите се најавуваше дека инвестицијата ќе изнесува меѓу 30 и 50 милиони евра, а Контоминас се обврза без надомест да му отстапи на Градот Скопје дел од Офицерскиот дом за потребите на матичната служба и работни простории за скопскиот градоначалник.
Изградбата на објектите високи до 29 метри треба да финишира најдоцна до 2019, а хотелот мора да има најмалку четири ѕвездички и да биде управуван или под франшиза на хотелски синџир со минимум 250 хотели во светот.
Застапник на Контоминас во Скопје е адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков“ и таму БИРН побара објаснување зошто Контоминас се откажал од инвестицијата, меѓутоа не добивме одговор. Тој минатата година беше приведен од грчката полиција заедно со уште 24 лица во скандалот тежок 500 милиони евра околу грчката државна „Хеленик Постбанк“ и пуштен да се брани од слобода со кауција од пет милиони евра.
Соработникот на Сергеј Самсоненко, Ратко Капушевски за БИРН потврди дека рускиот бизнисмен ја купил фирмата која, како што вели тој, веќе долго време не го градела објектот на плоштад.
„Изградбата на Офицерскиот дом, матичната служба, градската куќа, салата за дипломатски настани на претседателот е само уште еден социјален проект кој господинот Самсоненко ќе го реализира во интерес на Република Македонија, вели Капушевски, кој е новиот директор на „ДЦ прајм пропертиес“.
Тој објаснува дека фирмата ја купиле со долгови од 120 милиони денари и блокирана од Управата за јавни приходи, како и со судски постапки иницирани од доверители за градежниот дел. Инвестицијата ќе изнесува 2,5 милијарди денари или околу 40 милиони евра, а изградбата ќе трае до јуни идната година.
Министерството за транспорт и врски, кое му го продаде на Контоминас државното земјиште, не е информирано дека инвеститорот е променет, додека на градилиштето на скопскиот плоштад веќе е сменета информативната табла и на неа, како инвеститор и како изведувач стојат фирмите на Самсоненко.
Законот дозволува смена на инвеститорот во текот на градењето само доколку новиот инвеститор се обврзе дека покрај правата ќе ги преземе и обврските на претходникот.
Луксузен објект од почетокот на 20. век
Една од двете згради што ќе ги довршува Самосоненко треба да изгледа како стариот Офицерски дом.
Според првичните најави на Градот Скопје ќе му припадне делот од Офицерскиот кој се наоѓа на вториот кат и официјално сопственик на тој простор ќе биде државата. Таму треба да има влезен хол, матичар со архива и со служба, просторија за подготовка на младенците, голема сала за состаноци, три работни кабинети од кои едниот за градоначалникот на Скопје и сала за свечени приеми.
Идеен автор на оригиналниот Офицерски е рускиот архитект и емигрант Вилијам Баумгартен. Тогашните власти го стартувале објектот во 1925 на местото каде претходно се наоѓала Бурмали-џамија, а го завршиле четири години подоцна.
Офицерскиот дом пред војната важел за луксузен објект што го посетувале претставниците на елитата. Таму се чекала Нова година, се одржувале балови и маскенбали, имало пивница и читална со странски списанија, а во една од салите можело да се чуе и џез музика.
Ентериерот бил облагороден со скап мебел и со кристални лустери, меѓутоа земјотресот во 1963 година многу ја оштетил зградата и затоа ја урнале наредната година.
Новото идејно решение на Офицерскиот дом е дел од промотивното видео за проектот „Скопје 2014“ .
[https://prizma.mk/kontominas-go-pochna-samsonenko-ke-go-finishira-ofitserskiot-dom/]