14 октомври 2021
ВЛАДАТА ДАДЕ 23 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДОИЗГРАДБА НА ТЕАТАРОТ И БИБЛИОТЕКАТА ВО ТЕТОВО, СЕ ГРАДИ 8 ГОДИНИ, А ЌЕ ЗАВРШИ ВО 2025
Владата во наредните 4 години ќе даде 23 милиони евра за внатрешно опремување на објектот во кој ќе бидат сместени новиот театар и библиотеката во Тетово. Објектот, за кој градежните работи речиси се завршени, сега во втората фаза ќе биде опремен со најсовремени аудиовизуелни уреди какви досега нема во државата, а исто така ќе се опреми ентериерот и инфраструктурата за библиотеката.
„Проектот за изградба на театар и библиотека во Тетово е еден од најобемните проекти како во однос на реализацијата, така и во однос на изградбата. Сега успеавме да ги финализираме постапките за почеток на втората фаза од изградбата односно за ентериерот. Објавивме јавна набавка со отворена постапка, значи меѓународен повик, при што е избран понудувачот, а тоа е групата на понудувачи „НБ компани“ од Тетово и „Пелагонија“ од Гостивар, со кои денес склучуваме договор за почеток на работите. Средствата за реализација на изградбата се обезбедени од Владата на Република Северна Македонија преку програмата од Министерството за култура. Втората фаза ќе чини 1 милијарда и 420 милиони денари или околу 23 милиони евра. Парите ќе се пуштаат по фази на изградбата сé до декември на 2025 година, за кога е предвидено објектот целосно да биде завршен со градба и внатрешно да биде опремен“, изјави Арлинд Хусеини, директор на НУ Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.
Иако Тетово има Дом на културата со голема сала со 600 седишта, во 2014 започна да се гради нов објект за театар и библиотека на растојание од неколку метри од постоечкиот Дом. Во првите години изградбата одеше мошне бавно, за конечно годинава, по осум години градење да се заврши првата фаза, односно да завршат градежните работи за што беа потрошени 13,5 милиони евра. Сега одобрените 23 милиони евра се предвидени за ентериерно опремување и за набавка на современа аудиовизуелна опрема.
Со ова, Тетово ќе го добие еден од најскапите објекти во државата од областа на културата. Целосната изградба на Театарот и библиотеката треба да завршат на крајот од 2025.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/vladata-dade-23-milioni-evra-za-doizgradba-na-teatarot-i-bibliotekata-vo-tetovo-se-gradi-8-godini-a-ke-zavrshi-vo-2025/]
////////////////////////////////////////////
16 февруари 2026
ИМА ПРОПУСТИ ВО ГРАДБАТА И ФИНАНСИСКИ ПРЕЧЕКОРУВАЊА, РЕКОА ВЕШТАЦИТЕ НА ОДБРАНАТА НА СУДЕЊЕТО ЗА ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ ТЕАТАР И БИБЛИОТЕКАТА ВО ТЕТОВО
Во Основниот суд во Тетово продолжи судењето за злоупотребите при изградбата на новиот театар и библиотеката во Тетово. На обвинителната клупа се Сејди Шашивари, сопственик и управител на правното лице од Тетово „Урбан план констракшн“, самото правно лице, Хаки Фазлиу, тогашен директор на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово, Артан Арслани, претседател на Комисијата за јавни набавки и потоа в. д. директор на Центарот за култура и Бајрам Муча како главен надзорен инженер во правното лице ангажирано како надзорен орган при спроведувањето на договорот за јавна набавка од 2015 до 2020 година.
Според обвинителниот акт, Шашивари како првообвинет и правното лице како второобвинето се товарат за кривичното дело Злоупотреби во постапката за јавни набавки, Фазлиу и Арслани се товарат за Злоупотреба на службената положба и овластување, а Муча за Несовесно работење.
Денеска беа сослушани вештите лица предложени од Обвинителството кои подготвија Наод и Мислење за економскиот и градежниот дел во изградбата на новиот театар и библиотека во Тетово.
Вештачењето е направено по барање на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Во економскиот дел вештите лица Гордана Анѓелковска и Кире Костов се изјаснија дека во целост остануваат на изнесеното во Наодот и Мислењето што го изнеле во извештајот. Според нив, во изградбата на објектот, во економскиот дел, имало пречекорувања во начинот и висината на исплатата на парите поврзано со пресметката на ДДВ.
Исто така на барање на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вешт наод бил подготвен и за градежниот дел од изградбата на новиот театар и библиотека. Вештото лице Дивна Станчева изјави дека останува во целост по изготвениот Наод и Мислење направен за градежниот дел од изградбата на објектот. Таа одговараше и на повеќе прашања поставени од адвокатите на обвинетите каде посочи дека имало измени и надополнувања на Проектот и дека немало Проект на изведената работа, но дека во градежниот дел нема некои посериозни пропусти.
Судењето продолжува на 16 март 2026 кога пред судот наодите ќе ги презентираат вештите лица на одбраната.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/ima-propusti-vo-gradbata-i-finansiski-prechekoruvana-rekoa-veshtatsite-na-odbranata-na-sudeneto-za-izgradbata-na-noviot-teatar-i-bibliotekata-vo-tetovo/]