Продаден огромен расадник во Горно Лисиче, инвеститорот ќе ги претвора овоштарниците во згради

Земјиштето на огромниот овошен расадник „Цветан Димов“ во скопската населба Ново Лисиче во Општина Аеродром во изминатиот период е продадено на градежен инвеститор кој таму на овој „бришан простор“ планира да гради станбени згради.
Купувач, според регистарот на парцели на Агенцијата за катастар, е Јунајтед Билд Груп, компанија регистрирана во јули 2025 за изградба на станови. Купени се најмалку три големи парцели со вкупна површина од над 25.000 метри квадратни, главно овоштарници. Останатите поголеми соседни парцели се во сопственост на државата, но има и помали кои се на Расадник „Цветан Димов“ и на уште еден градежен инвеститор.
Расадникот кој се наоѓа на адреса 12-та Македонска бригада, или по старо на Ѓорѓе Андреевиќ - Кун, е во сопственост на 30-тина физички лица, главно од Скопје, во случајов како продавачи. Јунајтед Билд Груп како купувач е основана во јули 2025 од страна на две физички лица - Оливер Павловски и државјанката од Финска, Лика Матх, кои со други фирми веќе продаваат станови во изградба во Скопје, иако кај некои градби имаше поплаки преку медиумите од страна на станбените заедници дека не се запазени роковите за изградба во договорите. Третиот основач е правно лице - Пантелеон ГС, компанија која дава аутсорсинг услуги за американски компании, но во последниот период има одобрувања за купување на парцели во државна сопственост.
Во меѓувреме за помалку од една година Јунајтед Билд Груп има основано повеќе фирми со слично име - Јунајтед Билд Груп - Далја, Јунајтед Билд Груп - Лисиче, Јунајтед Билд Груп - Ѓорче и Јунајтед Билд Груп - Бизнис центар.
Во јануари годинава, пред продажбата, за нов управител е поставен ректорот на Славјански универзитет, Васко Стамевски, инаку доктор по правни науки. Во телефонски разговор ни рече дека тој е поставен од страна на акционерите за да им помогне во спогодувањето и дека неговата улога е само посредничка.
На нашите прашања испратени до Јунајтед Билд Груп за точно површина станува збор, колкав број на станбени згради се планира да се изградат и дали веќе има промена на Деталниот урбанистички план, ни беше одговорено дека овластеното лице за комуникација е на пат во странство и дека ќе ни одговори следната недела.
Инаку Расадник „Цветан Димов“ во изминатите години бил практично неактивен, што може да се види од малите приходи што биле остварени, но затоа во своја сопственост има огромни површини во овој дел од Скопје. Сопственици се 32 физички лица. Сопствениците на двата најголеми удели - Чедомир Петрунов и Мицко Јанкуловски во 2023 се обиделе од ова друштво да издвојат две градежни фирми за изградба на станови - Перун Груп и Стеми АС, но по жалба на останатите сопственици, летото 2024 донесено е решение да се врати стариот статус на „Цветан Димов“
[https://faktor.mk/prodaden-ogromen-rasadnik-vo-gorno-lisiche-investitorot-kje-gi-pretvora-ovoshtarnicite-vo-zgradi]