26 јануари 2021
Расадникот како последно упориште во битката за Скопје

Расадникот е последниот слободен простор во Општината Кисела Вода. Изминатите 5 години се реактуелизира неговото урбанизирање, преку предлог-планови што предизвикуваат негодување и страв од урбанистичко фијаско за општината и за градот.
Поради „транспарентноста“ на урбанистичките процеси во Македонија, ќе се обидеме детално да ве запознаеме со локацијата, што содржеа последните два предлози на општината и кон што би требало да се стремиме како заедница и професија.
Местоположба
Расадникот е позициониран среде општината и претставува клучен простор за меѓусебно поврзување на урбаните делови на Кисела Вода.
На североисточната страна тој е распослан долж булеварот „Борис Трајковски“ , на југоисток допира до населбата Цементарница, на југ до маалото попознато како „Последна 24-ка“, додека веќе на запад границата ја дефинира истоимената населба Расадник.
Планскиот опфат за градска четврт Ј14 е многу поголем, но центарот на нашето внимание е слободниот простор за којшто треба да се избориме како општество.
Дејноста на овој простор, по земјотресното урбанизирање на Скопје, била планирана за градски парк на долг рок, а сѐ до пред 15-ина години функционираше како овоштарник. Во него се одгледуваа вишни, урми, шипинки, ореви итн. Некои од насадите беа отстранети, додека по процесот на денационализација настапува целосно запуштање на просторот и спонтан развој на флората.
Просторот на Расадникот е дел од „светиот триаголник“ на градски паркови во урбанистичките планови на Град Скопје сѐ до почетокот на 90-тите години на XX век.
Денационализација
По менувањето на општественото уредување во самостојна Република Македонија и движењето кон капитализмот, во 1998 година за првпат беше донесен Законот за денационализација, со којшто државата требаше да го врати имотот национализиран во текот на Поранешна Југославија. Покрај ова, како мерка се даваа и државни обврзници или, пак, одреден вид компензации, доколку постапката за враќање на конкретниот имот е невозможна од различни причини.
Со овие процеси, битката за Расадникот од страна на некогашните сопственици започна. Нема ништо спорно во враќањето на имотите, но желботеката наречена Детален урбанистички план брзо беше разбрана од потенцијалните нови корисници.
Со пропаѓањето на ваквиот тип расадници и нивното запоставување, како и со развојот на градот и неговите потреби, урбанизацијата на овие простори беше неминовна. Во меѓувреме, општеството се стекна со лоши навики и бајат менталитет во којшто процесите во развојот на просторот се препуштија на желбите на поединци, инвеститори, бизнисмени, политичари, додека професионалците имаа улога единствено на коментатори по весниците.
Предлог урбанистички план 2016
Општината Кисела Вода, во текот на изминатите 5 години, предложи 2 плана за урбанизација на Расадникот. Првиот се случи 2016 година, додека вториот во 2019 година.
Предлог-планот од 2016 година го третираше слободниот простор на Расадникот доминатно за станбено домување.

Подреденоста на дел од објектите беше во правилна ориентација во поглед на осончувањето и проветрувањето што доаѓа од падините на Припор и Водно. Но, помеѓу нив, неразумно следеа долги „штангли“ кои истите позитивни можности ги блокираа.

Планот воопшто не го третираше овој простор како градски простор во поглед на неговите функции, а просторот не ги задоволуваше ниту своите локални. Во општина во која недостасуваат безброј јавни функции, не се предвидуваше ништо дополнително. Уште во тој период реагиравме со објави и со писма до тогашната локална власт, коишто во процесот на јавното анкетирање беа одбиени.
Реагиравме на недостигот на голема зелена површина во облик на градски парк, јавни образовни институции, полиција, поликлиника, трговски содржини, спортско- рекреативен центар (за фудбал, тенис, ракомет, кошарка), можеби стадион, плоштад и шеталиште.
Поради големата густина на објектите и неусогласеноста со бројките што произлегуваат од ГУП, како и големиот број реакции на јавноста, предлог-планот беше вратен од страна на Министертвото за транспорт и врски.
Предлог урбанистички план 2019
По три години, Општина Кисела Вода предложи нов план за усвојување, којшто видно имаше подобрување во смисла на дополнување со некои од јавните функции.

Се отворија неколку позиции за локални форми на парк, пешачки продори меѓу станбените објекти, зелени коридори. Во овој план се предвидуваат и повеќе објекти од општествен карактер. Со тоа е извојувана еден дел од битката за јавниот интерес.
Но, да не се залажуваме, ова е далеку од добар план. Во него е подигната свеста за потребата од одредени функции на просторот, но станбената мегаломанија е сѐ уште присутна до граници на задушување
Хаотична архитектура на повидок
Организацијата на просторот подразбира креирање композиција која, пред сѐ, треба да е функционална, а потоа и естетска, нудејќи слики што произведуваат доживување и личен впечаток за просторот. Обликувањето на објектите, т.е. предвидувањето на нивниот габарит е вовед во архитектурата. Без вакво нешто, создавањето квалитетна архитектура е невозможно.
Овој предлог-план нуди максимум и проектански офсет, според лошата организација на дел од парцелите. Па така, долж продорот предвиден за минувањето на далноводот, се случува невкусно отсекување на габаритите. Знаејќи ги инвеститорските апетити за максимум заработка, можеме само да замислиме под каков притисок ќе се најдат идните проектанти на овие објекти, додека градот може да очекува неквалитетен градски пејсаж.
Слепи пред можностите
Во ХХI век, да се претстави сопствената визија на ваков начин е неброен пораз во редицата лоши планови кои го прекроија Скопје. Загрижувачка е лежерноста на неразбраната лекција и особено, недостојноста да стоите пред толку слободна површина нудејќи урбанистички хаос. Во ерата на интернетот и достапноста на информација во делови од секундата, да дозволите ваква безидејност е само уште еден доказ за македонската летаргичност. Одлучуваме да бидеме неми набљудувачи на светските движења, стоејќи во калта и кревајќи раменици.
Закони, правилници, урбанистички планови и тивка политички коректна интелигенција е совршената равенка за нашето хибернирање.
Јавноста веќе одамна реагира, веќе и медиумите почесто известуваат за проблемите во градот, но политиката успешно го игнорира проблемот бидејќи нема доволно капацитет да го перципира како проблем. Изгледот на нашите градови е вистинска слика за нашето културно уназадување.
[https://samoprasaj.mk/naacik/rasadnikot-kako-posledno-uporiste-vo/]