16 април 2019
4 МЕСЕЦИ НЕ МОЖЕА ДА ГО УРНАТ „БЕКО“, А КАЖУВААТ ИМАЛЕ ПРОБЛЕМ СО СТАТИКАТА, ВЕЛИ АВТОРКАТА НА ПРОЕКТОТ МИМОЗА НЕСТОРОВА-ТОМИЌ
Целосно е прeгазено авторството со уривањето на зградата на поранешно „Беко“, сегашна ТЦЦ „Плаза“, вели авторката на проектот Мимоза Несторова-Томиќ.
Зградата која почна да се урива во мај лани, сега целосно ја нема. 90-годишната архитектка Мимоза Несторова-Томиќ, една од најреномираните автори и урбанисти во Македонија, авторката на проектот вели дека воопшто не се издржани објаснувањата на инвеститорот дека имале проблеми со статиката, па затоа морале да го урнат објектот.
„Ја урнаа со изговор дека имало проблем со конструкција, тотално не се во право, оти 4 месеци не можеа да ја срушат. Можеше само пренамена да се направи.“, реагира Несторова-Томиќ.
Несторова-Томиќ раскажува дека голем предизвик ѝ било да работи на модната куќа „Беко“, која е изградена во 1972 година. За таа градба е многу благодарна на двајцата статичари од „Бетон“ кои исклучително добро ја следеле во работата.
„Тој проект ниту еднаш не ми го вратија од модната куќа ’Беко Белград“ да го доработам, сè беше добро смислено. Колегите од Белград и од Словенија напишаа убави текстови и најстрогиот ентериерист напиша дека ’управата на Беко не треба да се грижи‘. Колегата Гашпер од Словенија даде најдобар коментар дека е единствена стоковна куќа во Југославија без столбови внатре, и има простор сè убаво да се изложи“, вели Несторова-Томиќ.
Што ќе се гради на местото на ТЦЦ „Плаза“ сè уште не се знае оти Општина Центар нема издадено одобрение за градба. Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека на сила е мораториумот и се прави ревизија и на тој план, но тврди дека поголема висина нема да биде дозволена.
„Инвеститорот уште нема побарано дозвола. Од контактите со него ми беше речено дека ќе го градат одново истиот објект оти била нарушена статиката. Очекуваме планот да биде готов летово“, вели Богдановиќ.
[https://sdk.mk/index.php/neraskazhani-prikazni/4-mesetsi-ne-mozhea-da-go-urnat-beko-a-kazhuvaat-imale-problem-so-statikata-veli-avtorkata-na-proektot-mimoza-nestorova-tomik/]
16 мај 2019
МОРАТОРИУМОТ ЗА ГРАДБА НЕ ВАЖИ ЗА „БЕКО“, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЦЕНТАР ВЕЛИ ДЕКА НЕ СЕ ГРАДИ, АМА ИЗЛЕГЛА ВОДА ПА СЕ САНИРА

На зградата на поранешно „Беко“ во Скопје секој ден се изведуваат градежни работи, иако на сила е мораториумот за градба во општина Центар. Жителите на околните згради велат дека на местото на урнатата зграда, преку цел ден до доца навечер, дури и за време на викенд се гради.
„Немаме мир. Се гради и за викенд. Во неделата почнаа со работа во 5 часот наутро. Цел ден работат и еве, се’ уште, во 20 часот навечер, во недела. Повеќе пати бевме во полиција, ама оттаму само креваат раменици, очигледно немоќни да направат што било“, велат станари на околните згради кои се јавија во редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Денеска во градилиштето дваесетина работници поставуваа арматура за столбовите на новата зграда. Покрај градежните работи, цедната лента од улица пред градилиштето е блокирана од градежни материјали. На улицата постојано има паркирани камиони од кои се вадат армаатури, шипки и други градежни матријали. Освен тоа среде улица има и импровизирана шахта, најверојатно за да се покрие некоја дупка од која возачи кои се јавија во нашата редакција тврдат дека ги искинале гумите на колите.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ тврди дека мораторумот за градба важи и за објектот на поранешно „Беко“ и дека општината нема дадено дадено одобрени за градба. Тој вели дека се санираат одредени проблеми кои се појавиле при уривањето на претходниот објект.
„Мораториумот важи и за овој објект. Направивме контрола на терен и утврдено е дека на сопственикот му се појавило вода и сега се интервенира за да не се поплави. Инвеститорот знае дека не може да гради додека е на сила мораториумот за градба“, вели Богдановиќ.
Зградата на поранешно „Беко“ почна да се урива лани во март. Инвеститорот тврдеше дека била нарушена статиката.
„Инвеститорот добил дозвола од претходното раководство за доградба и надградба. Но во текот на надградбата му било речено дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата. Затоа побара дозвола за уривање, за одново да го гради објектот. На состанок со инвеститорот му кажав дека се врши ревизија на сите планови и дека се намалуваат висините на дел од објектите. Каква дозвола ќе добие, ќе видиме кога ќе заврши ревизијата на планот. Дотогаш нема да може да добие дозвола за градба оти на сила е мораториумот“, рече лани градоначалникот Богдановиќ.
Авторката на проектот на старата стоковна куќа „Беко“ 90-годишната архитектка Мимоза Несторова-Томиќ, една од најреномираните автори и урбанисти во Македонија пред еден месец за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека воопшто не се издржани објаснувањата на инвеститорот дека имале проблеми со статиката, па затоа морале да го урнат објектот.
„Ја урнаа со изговор дека имало проблем со конструкција, тотално не се во право, оти 4 месеци не можеа да ја срушат. Можеше само пренамена да се направи.“, реагира Несторова-Томиќ.
Модната куќа „Беко“ е изградена 1972 година. Во 1998 ја преземаа Тајванците, а потоа беше продадена на локален бизнисмен.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/moratoriumot-za-gradba-ne-vazhi-za-beko-gradonachalnikot-na-tsentar-veli-deka-ne-se-gradi-ama-izlegla-voda-pa-se-sanira/]
6 јуни 2019
СРЕДЕ МОРАТОРИУМ „БЕКО“ ДОБИ ВТОРА ПЛОЧА, БОГДАНОВИЌ ВЕЛИ – ЌЕ ГО РУШАМ


Зградата на поранешно „Беко“ и понатаму се гради иако во општина Центар на сила е мораториумот за градба. Сега објектот доби и втора плоча, а работници секој ден на големо работат на изградба иако немаат дозвола од Општината.
На 16 мај САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека се поплочува градилиштето и се поставува арматура за носечките столбови на објектот. Тогаш градоначалникот Саша Богдановиќ ни изјави дека инвеститорот не гради туку при уривањето и копањето на дупката се појавило вода па вршат заштита.
Сега, три недели после оваа изјава на Богдановиќ на терен се гради постојано секој ден. Поставена е втора плоча односно изведени се подрумските простории на објектот, но Општината нема намера да ја стопира градбата иако постојано вели дека мораториумот важи и за овој објект и дека не издале дозвола за градба.
Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека му издале на инвеститорот решение за престанок на градежни активности и тој не смее да гради.
„Инвеститорот треба според решението да ја отстрани градбата. Доколку тоа не го стори тоа ќе го стори Општината односно ние ќе уриваме“, вели Богдановиќ.
Зградата на поранешно „Беко“ почна да се урива лани во март. Инвеститорот тврдеше дека била нарушена статиката и затоа мора да се урне. Колкава ќе биде висината на објектот од Општината велат дека ќе се знае кога ќе се заврши изработката на новиот детален урбанистички план, но постојано уверуваат дека нема да добие поголема висина од претходната.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/srede-moratorium-beko-dobi-vtora-plocha-bogdanovik-veli-ke-go-rusham/]
01.03.2020
ГРАДИЛИШТЕТО НА „БЕКО“ ЧЕТИРИ ДЕНА БЕЗ ЗАШТИТНА ОГРАДА ОТИ ЈА ОДНЕСЕ ВЕТЕРОТ, НЕМА КАЗНА ОД ОПШТИНА ЦЕНТАР ЗА ИНВЕСТИТОРОТ


Градилиштето на ТЦЦ „Плаза“ поранешно „Беко“ во центарот на Скопје, целосно е отворено, без заштитна ограда. Од силниот ветер кој дуваше во средата вечерта, урната е лимената ограда со која беше оградена и заштитена дупката на градилиштето.
Иако поминаа четири дена од невремето, сопственикот на објектот не го заштитил просторот, па дупката зјае веднаш до улицата Даме Груев. Пешачкиот премин кој води кон плоштадот ВМРО е блокиран со лимови, парчиња камења, шипки и друг градежен материјал.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека општинската инспекција излегла на терен уште во четвртокот и му наложила на сопственикот на објектот веднаш да го заштити просторот.
„Ако не е постапено, нашите инспектори повторно ќе излезат во контрола и инвеститорот на овој објект ќе биде санкциониран“, вели Богдановиќ.
Објектот на ТЦЦ „Плаза“ сопственикот го урна пред две години, бидејќи од претходното раководство на Општина Центар добил дозвола за доградба и надградба на објектот. Но при почетокот на градежните работи му било кажало дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата, па затоа го урна објектот, со намера да го гради одново.
Но, бидејќи Општина Центар го воведе мораториумот за градба инвеститорот не смееше да гради и немаше добиено градежна дозвола. И покрај тоа во мај лани почна со градежни работи, беше поставена дури и втора плоча, а беа поставени и арматури за носечките столбови. По пишувањата на САКАМДАКАЖАМ.МК Општина Центар во јуни 2019 му достави решение за стопирање на градбата.
Околните жители велат дека инвеститорот не ја почитува забраната за градба и постојано во градилиштето се изведуваат градежни работи.
Колкава ќе биде висината на објектот од Општината велат дека ќе се знае кога ќе се заврши изработката на новиот детален урбанистички план, но постојано уверуваат дека нема да добие поголема висина од претходната
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/gradilishteto-na-beko-chetiri-dena-bez-zashtitna-ograda-oti-ja-odnese-veterot-nema-kazna-od-opshtina-tsentar-za-investitorot/]
23.11.2020
ПО КОЈ ЗНАЕ КОЈ ПАТ ПРЕКИНАТО ДИВОТО ГРАДЕЊЕ НА ХОТЕЛОТ КАЈ ПОРАНЕШНО „БЕКО“, ОПШТИНА ЦЕНТАР ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА

Хотелот ТЦЦ „Плаза“ на местото на поранешно „Беко“ не престанува да се гради. Градежна механизација и работници и викендов го градеа хотелот иако немаат градежна дозвола за градба од Општина Центар бидејќи на сила е мораториумот.
„Запознаени сме дека инвеститорот пак гради. Досега десетина пати ја прекинуваме градбата, ама џабе нема разбирачка. Овластен градежен инспектор кој беше на терен констатира дека се прекршени законските одредби согласно Законот за градба. Незаконско делување од страна на сторителите, ќе го надополни во претходната кривична пријава и ќе ги преземе сите мерки до надлежните институции, поради недозволени градежни активности кои се одвиваат на територијата на Центар“, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
На градилиштето, во јули годинава дојде до инцидент меѓу сопственикот Борис Стојменов и инспекторите од Општина Центар. Откако испекторите изрекоа една од многуте забрани за градбa, Стојменов се караше, велејќи им дека немаат право да ги стопираат работите и обвинувајќи дека Општината му барала мито од еден милион евра и затоа не му се дава да гради.
Објектот на ТЦЦ „Плаза“ сопственикот го урна во март 2018, бидејќи од претходното раководство на Општина Центар на чело со градоначалникот Андреј Жерновски добил дозвола за доградба и надградба. Но при почетокот на градежните работи му било кажало дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата, па затоа го урна објектот, со намера да го гради одново. За да гради нов објект од темел, треба да добие нова дозвола за градба. Но, бидејќи Општина Центар го воведе мораториумот за градба инвеститорот не смееше да гради и немаше добиено градежна дозвола. И покрај тоа, во мај лани почна со градежни работи и оттогаш не престанува да гради.
[https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/po-koj-znae-koj-pat-prekinato-divoto-gradene-na-hotelot-kaj-poraneshno-beko-opshtina-tsentar-podnese-krivichna-prijava/]