Зградите околу свлечиштето во Капиштец се безбедни, Општините не треба да дозволуваат градење без основен проект за јама


Поради овие свлечишта, како што вели деканот Јосиф Јосифовски, треба сериозно да се преземат мерки со кои ќе се свестат и ќе се „затегнат“ инвеститорите и изведувачите на градежните објекти од овој тип и додаде дека Факултетот се нуди да помогне преку изготвување правилник за градење, кој ќе биде спроведен од локалните самоуправи.
Поминаа речиси две недели откако на градилиште во Капиштец, поточно на улицата „Видое Смирненски“, имаше опасно свлекување на земјиштето поради кое се оштети дел од тротоарот, водоводната и канализациската мрежа, но според извештајот од експертите од Градежниот факултет, нема опасност за оштетување или уривање на околните објекти, која беше најопасната можна последица од овој немил настан.
Нема опасност за зградите, избегната е голема катастрофа
Јамата неделава се затрупува, а според деканот на факултетот, професорот Јосиф Јосифовски, фактот што околните згради се надвор од опасност е големо олеснување и можеби единствениот позитивен момент од оваа лоша ситуација, бидејќи секое оштетување на околните објекти би значело голема катастрофа.
– Според мене, најголемата катастрофа е избегната бидејќи околните објекти се безбедни од евентуална деформација на земјиштето. Околу јамата има повеќе згради, не сакам ни да помислам што ќе се случеше ако само еден од овие објекти беше зафатен од свлекувањето на земјиштето. Да, оштетен е дел од тротоарот, долу се оштетени кабли за струја, водовни и канализациски цевки, но, за среќа, нема опасност за околните објекти. Ако се урнеше или се оштетеше некој околен објект, тоа ќе беше огромна штета. Единствено заради тоа имам некое, ако можам да кажам, позитивно чувство од оваа ситуација – објаснува деканот за „Слободен печат“.
Тој посочи дека по настанот, на кризниот состанок во Општина Центар, Градежниот факултет дал насока што побрзо да се затрупа јамата за да се истражи дали постои опасност за околните згради, а според него, повикувајќи се на извештајот за градилиштето, иако директна одговорност имаат изведувачот и инвеститорот, работата можела да се спречи и со реакција на Општината и на градежните инспектори.
– Ние не дадовме конкретен рок, но им дадовме насоки јамата да биде затрупана во најбрз можен рок. Таа во саботата беше речиси затрупана. Во ситуацијата во Капиштец има повеќе страни што се одговорни, секој можел нешто да направи и да преземе, од Општината, инспекторите и фирмата што го вршела надзорот, не се виновни само инвеститорот и изведувачот, иако според извештајот изведувачот ја има директната одговорност бидејќи не работел по зададените правила и прописи – вели Јосифовски.
Сите имаат одговорност, потребни се промени
Деканот соопшти дека според извештајот од направениот увид, конструкцијата на јамата била катастрофална, немало основен проект за јама туку само техничко решение, а лош бил и квалитетот на изведбата.
– Прашање е дали на локацијата воопшто се појавил градежен инспектор, на кризниот состанок во Општината ни беа покажани писма и констатации од градежни инспектори, но тие требало да ги забележат сите овие нерегуларности – додава деканот.
Јосифовски смета дека иако Законот за градба предвидува само основен проект за изградбата на објектот, се подразбира, но и според неодамнешните случувања, Општината треба да е задолжена да бара и основен проект за ископување јама.
– Треба да се најде начин за да се свестат и инвеститорите и изведувачите. Законот за градба бара основен проект за објектот што е предвиден да се гради, но не бара подготвителниот терен да има основен проект. Изведувачите и инвеститорите ја избегнуваат таа заштита за да заштедат, но и тие не се инженери за да ја поседуваат таа стручност, а Општината е задолжена да побара основен проект за јама, а не само за објектот – објаснува тој.
Во еден месец на две локации во Скопје се случија свлекувања на земја при ископ на јама за градилиште, што според Јосифовски е недозволиво и опасно, земајќи предвид дека во Кисела Вода поради свлекување на земјата беше затрупан и еден работник, кој за жал го загуби животот.
[https://www.slobodenpecat.mk/zgradite-okolu-svlechishteto-vo-kapishtec-se-bezbedni-opshtinite-ne-treba-da-dozvoluvaat-gradenje-bez-osnoven-proekt-za-jama/]