13.03.2023
Најевтино ќе чини автопатот Тетово-Гостивар, за Гостивар-Кичево ќе се издвојат најмногу пари
Автопатот Гостивар-Кичево ќе биде најсложен за градба и ќе чини најмногу средства од четирите проекти што ќе ги реализира американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ во земјава. За делот меѓу Гостивар и кичевското село Букојчани, каде треба да се изградат 30,3 километри, е предвидено да се издвојат 560 милиони евра. Ова беше кажано на денешниот брифинг на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.
Мета.мк веќе пишуваше дека за да се доврши автопатот Гостивар-Кичево земјава ќе подигне дополнителни средства за изведба на секцијата од Букојчани до Кичево, односно додатни 130 милиони евра за 12,7 километри автопат. Сепак, оваа трета, последна секција од автопатот е наједноставна за градење, бидејќи минува низ рамничарски терен. Неа ќе ја гради фирма која ќе биде дополнително избрана на тендер, надвор од договорот што е потпишан со „Бехтел-Енка“.
Наспроти Гостивар-Кичево кој ќе биде најскап за изградба, на денешниот брифинг беше најавено дека најевтин за изведба ќе биде автопатот Тетово-Гостивар, каде за 17 километри автопат ќе се издвојат 125 милиони евра. Со овие средства треба да се изгради трета коловозна лента во двата правци, да се рехабилитира постојната траса, а проблем се и надвозниците над постојниот пат, под кои сега има простор само за две коловозни ленти во секој правец. Мета.мк подолг период наназад пишуваше дека трасата меѓу Тетово и Гостивар е најфреквентна во земјава.
На проектот за автопатот Прилеп-Битола, на кракот Д од Коридорот 10, за изведба на 40 километри автопат ќе се издвојат 260 милиони евра. Дополнителни 360 милиони евра ќе чини изградбата на 22 километри од автопатот Требениште-Струга-Ќафасан. Финансиските средства што беа соопштени за автопатите беше образложено дека засега се првични, бидејќи за секоја делница допрва ќе се изработува елаборат и ќе се довршува проектната документација.
На денешниот брифинг беше најавено дека изградбата најпрво ќе започне во април годинава на трасите меѓу Тетово и Гостивар, како и меѓу Прилеп и Битола.
Рустеми и Бочварски денеска најавија дека двата автопати ќе бидат изградени за четири години и седум месеци. Притоа, за експропријација на земјиштето долж овие патни правци ќе бидат издвоени дополнителни 238 милиони евра. Инаку, од годинешниов буџет на Министерството за транспорт и врски се предвидени 244 милиони евра за изведба на автопатите, а истата сума ќе се издвојува и во наредните години.
[https://meta.mk/najevtino-kje-chini-avtopatot-tetovo-gostivar-za-gostivar-kichevo-kje-se-izdvojat-najmnogu-pari/]