Осветена црквата „Св. Константин и Елена“ во центарот на Скопје
Година: 2012-2025
Проектанти: М-р инж арх Искра Лековска, М-р инж.арх. Владимир Лековски
Соработници архитекти: Дипл. инж.арх. Јордан Тасевски, Дипл. инж.арх. Даниела Андоновска, М-р инж.арх. Владимир Димитров, М-р инж.арх. Александра Шекутковска, Дипл. инж.арх. Стефан Коцевски
Градежно-конструктивен проект: М-р град. инж. Влатко Коцевски
Проект за Водовод и канализација: М-р инж.арх. Мерџана Казанџиска, Дипл.град.инж. Благоја Петрушевски
Електротехнички проект: Дипл.ел. инж. Влатко Спировски Дипл. ел. инж. Златко Нонкуловски
Машински проект: М-р град. инж. Никола Барсов
Живописна програма: М-р умет. Дејан Кратевски
Електроакустика: М-р инж. Живко Дракуловски
Елаборат за Противпожарна заштита: М-р инж.арх. Нада Тортеска
Елаборат за екологија: М-р инж.арх. Катарина Максаровска
Консултанти: Епископ Партениј, Владика Климент, Отец Игор Калапакоски, Проф. Гаврилович, Зограф Кирил Златанов, Проф. Митко Хаџи-Пуља, Проф. Димитар Папастерески
Фрескопис: Лариса Бондаренко со тајфата
Иконопис (иконостас и целивни икони): Тајфа Св. Наум Охридски – Малка Конеска, Васко Учков, Валентина Конеска
Мозаик: Дејан Кратевски
На локација на ул. Македонија, во непосредна близина на Домот на армијата на Македонија подигната е црквата посветена на светите Цар Константин и Елена, која денес беше осветена од страна на Г.Г Стефан, архиепископ охридски и македонски заедно со повеќе владици и свештеници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Храмот е дел од проектот „Скопје 2014“ кој беше првично замислен да биде подигнат на плоштадот Македонија, во непосредна близина на некогашната истоимена црква, која е срушена по земјотресот а на чие место е денес Градскиот Трговски Центар.
По реакцијата на студентите и професијата, кои сметаа дека на овој простор не смее да се гради било каков објект, насилството предизвикано од контра протестантите кои ги нападнаа студентите и ги гонеа се до Градскиот Парк, власта одлучи да се одбере нова локација.
Новата локација, каде денес се наоѓа овој храм урбанистички претставува школско позиционирање. На просторот на некогашната парковска површина, се криеше европски тип на плоштад кој малкумина го препознаваа. На најзначајната пешачка улица во Градот, по должина се развива овој простор кој беше познат како платото пред Домот на АРМ. Во југозападниот агол се случува раскрсница на пешачката зона, каде е позиционирана вертикалата ( камбаната ) поставувајќи ја како визуелна точка, маркација за ориентација и препознавање, најава за тоа што следува.
Објектот на црквата Св. Константин и Елена, заедно со катната гаража „26ти Јули“ се единствените објекти од проектот „Скопје 2014“ за кои дел од стручната јавност има позитивен впечаток. Храмот претставува ремек дело во однос на неговата идеја да биде мост меѓу традицијата и современото, каде фасадата се истакнува преку стилизираната геометрија инспирирана од виновата лоза, изведена во травертин и каменорез. Црквата е решена во форма на слободен крст, со 5 куполи со позлата.
Архитектите се потрудиле да внесат поедноставување на декоративноста во повеќе сегменти на дизајнот, како што се вратите, иконостасот, столчињата во ободот. Секако онолку колку дозволува сеуште тврдокорната традиционалност на црквата како нарачател.
Во однос на уметничкиот придонес кон фрескописот, иконописот и мозаикот, не се забележува прогрес во стилскиот израз и композиција, туку се следи традиционалниот локален византиски наратив. Ваквиот пристап сеуште се практикува во православниот свет и покрај пробивот на современост во периодот на доцната модерна ( 60-80тите години на XX век.) кој беше прекинат со постмодернизмот кој го врати погледот наназад. Најголемиот пример на овој повраток и предомислување можеме да го забележиме кај Соборниот Храм Св. Климент Охридски започнат во 70тите и завршен во 90тите години на минатиот век.








[https://marh.mk/osvetena-crkvata-sv-konstantin-i-elena-vo-centarot-na-skopje/]