Локален претприемач од Словенија стана газда на нов деловен простор во центарот на Скопје
Анонимен словенечки бизнисмен со една година стара фирма стана сопственик на бизнис центар кој на контроверзен начин започна да се гради во непосредна близина на плоштадот во Скопје.
Од минатиот месец нов сопственик на друштвото поседник „Сколимекс“ е „Норва издавање недвижнини“ од Љубљана на местото на основачот и адвокат од Лихтенштајн, Енгелберт Јозеф Штрајбер.
Сопственик на новата словенечка фирма која го презема бизнис центарот е извесен Алеш Жнидар, за кого единствено како информација од Словенија постои дека е локален претприемач, кој ја основал фирмата „Норва изнајмување недвижнини“ лани, односно во текот на 2025 година.
Адвокатот регистрант од Лихтенштајн, Енгелберт Јозеф Шрајбер, кој ја основа фирмата што пред неколку години ја доби градежната парцела и дозволата за изградба, е познат по тоа што главно формира и води туѓи фирми на сопственици што сакаат да бидат скриени.
Досегашната фирма на адвокатот од Лихтенштајн во 2022 доби дозвола да го гради објектот во строгиот центар на Скопје, на местото од едно од тогаш последните паркчиња во Мал ринг. Жителите кои живееја во непосредна близина поднесоа жалби до Второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски, но тие тоогаш беа одбиени
Зградата се наоѓа во непосредна близина на хотелот „Ибис“. Зеленото паркче со димензии 30 х 35 метри беше единствениот простор за рекреација на локалните жители, но „му пресуди“ тоа што беше на неколку десетици метри до плоштадот.
Бизнис центарот во огласите за изнајмување и продажба е опишан како објект со канцелариски простор од премиум „А“ класа со 2.395 метри квадрати на само една минута оддалеченост од плоштадот во Скопје. Има 7 нивоа и подземен приватен паркинг распоределен на 4 нивоа.
[https://faktor.mk/lokalen-pretpriemach-od-slovenija-stana-gazda-na-nov-deloven-prostor-vo-centarot-na-skopje]