(ВИДЕО) Обнова на „стара Комерцијална“: Изведувачот тврди проектот се правел на слепо, а проектантот дека не е крив за доцнењето
[tube]https://www.youtube.com/watch?v=xnXBozvoHyE[/tube]
Од „Бауер БГ“ тврдат дека „ИНТ Глобал инженеринг“ направиле проект без да извршат увид во дел од објектот кој требало да се реконструира и дека токму поради тоа се пробиени роковите за изградба, има големи вишоци и кусоци, а сето тоа создава и големи логистички потешкотии на терен
Проекантот, пак, тврди дека работел по сите стандарди и дека на сите барања за измени во проектот реагирале благовремено. На изведувачот е, велат, да ја диктира динимиката на работа на терен
Неколку дена по објавувањето на сторијата за проблемите со реконструкцијата на стара Комерцијална, до редакцијата на „360 степени“ стигна допис насловен како Известување. Испраќач, според добиената е-пошта, е фирмата „Бауер БГ“.
Во документот, од компанијата не забележуваат на фактите во врска со реализацијата на јавната набавка за реконструкцијата на државниот објект. Но, на мошне јасен начин посочуваат – зошто сметаат дека доцнењето не е по нивна вина.
„Како најзначајна причина за пролонгираниот рок е доцнењето со изработка на новите ревидирани технички решенија, за што постои обемна документација, а истите беа изработувани поради потполна неможност за изведба на голем број позиции согласно Основниот ревидиран проект“,велат од „Бауер БГ“.
За да нема сомнежи дека изведувачот на проектот го вперува прстот кон проектантот, понатаму во дописот од „Бауер БГ“ изнесуваат, во најмала рака, вчудовидувачко тврдење – дека проектот е направен, а потоа и одобрен без целосно да се посети објектот што треба да се реновира.
„Причината за ваквата состојба е заснована на тоа дека во фазата на проектирање и ревидирање, од страна на Проектантите не е извршен увид во целиот објект, а грешките во истиот не се коригирани ниту од страна на Ревидентот, што доведува до големи застои во изведбата, неможност за континуиран процес во изведбата, финансиски импликации, односно појава на вишоци и кусоци, како и непредвидени работи. Од страна на Инвеститорот-СОЗР, Надзорот, како и од страна на нас како Изведувач, од самиот почеток со изведбата преземени се сите неопходни мерки за изработка и доставување на ревидирани технички решенија“,додаваат од „Бауер БГ“.
Поради проблемите произлезени од проектот, заклучуваат од „Бауер БГ“, се пробивале рокови, се зголемиле трошоците, а се појавиле и проблеми со кадар, навремена набавка на материјали, механизацијa и исполнување на договорните обврски со добавувачите за сите фази од изведбата.
Експлицитноста на ставот на „Бауер БГ“, дека проектот е направен без да се види цел објект, беше причина да побараме став на повеќе адреси.
На прашањето за директното обвинување, од проектантот „ИНТ Глобал Инженеринг“ одговорија:
„Проектната документација за реконструкција на објектот “Стара Комерцијална банка” е изработена во согласност со проектната задача, потребите, насоките и барањата на инвеститорот. Истата е ревидирана од независна ревидентска компанија и како таква е прифатена од инвеститорот за натамошна реализација“,велат од „ИНТ Глобал Инженеринг“.
Во однос на динамиката на работите на терен, проектантот тврди дека тоа го диктира изведувачот. За кусоците и вишоците – дека се евидентираат во градежна книга која ја потврдува надзорот.
За обвинувањето дека тие проблеми и пробивањето рокови се должат на времето потребно за изработка на нови технички решенија, проектантот тврди:
„Ние како проектанти благовремено одговоривме на сите барања за измени кои се доставени до нас од страна на инвеститорот“,додаваат од „ИНТ Глобал Инженеринг“.
[https://360stepeni.mk/video-obnova-na-stara-komertsijalna-izveduvachot-tvrdi-proektot-se-pravel-na-slepo-a-proektantot-deka-ne-e-kriv-za-dotsneneto/]