Производството на електрична енергија во тежок пад за една година, два блока на РЕК Битола потфрлиле
МЕПСО го објави извештајот за работењето во 2025, во кој операторот на електропреносниот систем ги потврди бројките дека јавните капацитети не само што со производството на електрична енергија во текот на минатата година не ги достигнале амбициозните планови, туку не ги достигнале ниту количините во споредба со една година претходно.
„Од вкупно влезените количини 4.660.399.638 киловатчасови се произведени од производните капацитети приклучени на електропреносната мрежа на АД МЕПСО што е за 5,5 отсто помалку во однос на минатата година, и 21,2 проценти помалку во однос на планираното со електроенергетскиот биланс за 2025 година. Производството на хидроелектраните во 2025 година е помало за 12,4 отсто во однос на минатата, а 12,9 проценти помало во однос на планот. Производството на термоелектраните е за 9,1 отсто помало во однос на минатата година и за 24,4 проценти помало во однос на планот за 2025 година“, објави МЕПСО во извештајот.
Билансот покажува дека трите блока на термоцентралата на РЕК Битола на ЕСМ произвеле значително помалку лани отколку во текот на 2024. Битола 1 произвел 530 теравачасови, додека една година претходно предал струја од 630 тераватчасови. Битола 2 го намалил производството од 900 на 853 тераватчасови. Единствено Битола 3 имал нешто подобра реализација на годишно ниво - 658 во 2025 споредено со 633 тераватчасови во 2024. Термоцентралата на ЕСМ во Осломеј била исто многу послаба во производството - само 125 тераватчасови и за 35 отсто послаб резултат од 2024.
Третиот блок на РЕК Битола имал „нула“ производство, односно целосно бил исклучен во текот на три месеци во годината, првиот блок во два месеци не произвел никакви количини, а од блок 2 немало ништо во текот на цел еден месец.
Кај хидроцентралите, пад на произвоодството забележале трите најпродуктивни. ХЕЦ Вруток произвела 315 тераватчасови, што е за минус 23 отсто послаб резултат од една година претходно. За околу 17 проценти послаба била ХЕЦ Шпиље, додека за 14 отсто минус има ХЕЦ Глобочица. Подобри резултати имаат Козјак, Света Петка и Тиквеш.
МЕПСО евидентира зголемен увоз на електрична енергија во текот на 2025, во кој е вклучен и транзитот на струја. Зголемувањето е 5,3 отсто и изнесува 4.000 тераватчасови.
[https://faktor.mk/proizvodstvoto-na-elektrichna-energija-vo-tezok-pad-za-edna-godina-dva-bloka-na-rek-bitola-potfrlile]