Алказар ја започнува изградбата на најголемиот ветерен парк во Штип и ќе биде најголем на Балканот
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) се подготвуваат да обезбедат долгорочен заем за проектот за ветерен парк во Штип, кој ќе биде најголемиот на Балканот. Компанијата „Алказар енерџи партнерс“ веќе започна подготовки на теренот, а вкупните трошоци за проектот се проценети на 450 милиони евра.
Проектот се протега низ општините Штип и Радовиш и делумно Карбинци, на површина од 335 хектари, од кои 90% се државно земјиште.
Првата фаза од 132 MW ќе се состои од 21 турбина со годишно производство од 321 GWh, додека целиот капацитет од 396 MW ќе произведува над 860 GWh. Инфраструктурата вклучува трафостаница 35/400 kV, 80 км подземни кабли и 7 км надземен вод, како и изградба или реконструкција на 68 км патишта. Првата фаза се очекува да биде оперативна во почетокот на 2028 година, а целиот парк до 2029 година.
Проектот предвидува заштита на лилјаците, компензација за земјиште, посеви и дрвја, како и поддршка за ранливите домаќинства. Најблиските домови се оддалечени повеќе од 500 метри од турбините, а социјалните мерки се насочени кон локалното население во селата Љуботен, Шашаварлија, Бучим, Балталија и Никоман.
[https://www.facebook.com/televizijastarstip]