Мостот на „Љубљанска“ конечно добива врска: БИТЕМ ќе го гради булеварот за 1,85 милиони евра
Мостот на „Љубљанска“ преку Вардар, кој со години стоеше без целосна сообраќајна функција, треба конечно да добие булеварска врска. Град Скопје склучи договор за изградба на булеварот „Љубљанска“, во фазна реализација, со што треба да се комплетира пристапот до мостот и да се овозможи поврзување со улицата „Скупи“.
Станува збор за проект кој подолго време беше во фокусот на јавноста како еден од скопските примери на изградена, а нефункционална инфраструктура. Според претходни објави, мостот на „Љубљанска“ треба да го поврзе Карпош со Злокуќани, а со завршувањето на пристапните сообраќајници се очекува подобра врска меѓу северниот и западниот дел од градот.
Договорот за изградба е склучен со Друштвото за градежништво, производство, трговија и услуги увоз-извоз БИТЕМ ДООЕЛ Скопје. Вредноста на договорот изнесува 113.952.502 денари со ДДВ, односно околу 1,85 милиони евра. Без ДДВ, понудата изнесува 96.569.917 денари.
Според финансиската понуда, најголемиот дел од средствата се однесува на градежните работи во првата фаза, во вредност од 93,68 милиони денари со ДДВ. Во договорот се предвидени и работи за електротехника, атмосферска канализација, како и градежни и електротехнички активности во втората фаза.
Во системот е-набавки, како економски оператор е наведен БИТЕМ ДООЕЛ Скопје, а како вистински сопственик Кирил Лазаров. Станува збор за компанија од градежниот сектор, која претходно беше ангажирана и на проектот „Градски воз“ во Скопје.
Проектот претходно беше поврзуван и со потребата од обезбедување дозволи и мислења поради близината на локалитетот „Скупи“. Од Град Скопје и Општина Карпош неодамна информираа дека продолжува финалната фаза од реализацијата на проектот за поврзување на „Љубљанска“ со „Скупи“.
Со ставањето на мостот во функција, се очекува полесен пристап кон Злокуќани, Бардовци и индустриската зона, како и растоварување на дел од сообраќајот на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинден“. Според договорната документација, рокот за изведба е 12 месеци.
[https://faktor.mk/mostot-na-ljubljanska-konechno-dobiva-vrska-bitem-kje-go-gradi-bulevarot-za-185-milioni-evra]