05.03.2026
Првиот тендер неуспешен, распишан нов: Сè уште се чека кружен тек наместо семафори на крстосницата во Ѓорче Петров


Ова не е прво ветување дека на оваа крстосница ќе се гради кружен тек. Тој се најде во изборната програма и на претходната градоначалничка Данела Арсовска, но и на градоначалникот Стојкоски на изборите во 2021 година. И пет години подоцна проектот не е мрднат од место.
Ѓорче Петров добива модерен кружен тек, започнуваме со вистински промени – ваква беше најавата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во средината на ноември минатата година, кога објави дека дента е распишана јавна набавка за изградба на кружен тек на една од најкритичните точки во Скопје, на крстосницата меѓу улиците „Ѓорче Петров“ и „Македонска војска“
Но, четири месеци потоа од изградбата на кружниот тек сѐ уште нема ништо, а сообраќајот на оваа крстосница и понатаму се регулира со семафори. Градоначалникот, кој јавно се пофали со распишаниот тендер, заедно со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски, потоа „заборави“ да соопшти дека тој е поништен поради тоа што, како што е објавено на Електронскиот систем за јавни набавки, не е поднесена ниту една понуда односно ниту една прифатлива понуда
Овој проект е дел од нашата визија „Нула несреќи“. До 2030 година редизајнираме 50 опасни крстосници и улици по европски стандарди, за Скопје да стане град во кој сите учесници во сообраќајот се движат сигурно и без страв. Во Ѓорче Петров следуваат и други крупни зафати, како што се ново поврзување на „Лука Геров“, реконструкција на улица „101“ во Волково, проектирање на „Веле Марков“ како нова сообраќајна артерија и изградба на „Шарпланинска“ со модерна инфраструктура и зеленило – посочи Ѓорѓиевски.
Според него, тоа се инвестиции што значат подобра мобилност, побезбедни улици и повисок квалитет на живот за целиот западен дел на градот.
По неуспешниот прв тендер, неодамна, кон крајот на февруари, Град Скопје распиша нов јавен повик, на кој заинтересираните фирми за изградба можат да се пријават најдоцна до 2-април.
Потребата за јавна набавка произлегува од фактот што улицата „Ѓорче Петров“ претставува клучна сообраќајница на западниот влез во Скопје, која се вкрстува исто така со важна сообраќајница, булевар „Македонска војска“ при што се создава тесно сообраќајно грло и оптоварување – е наведено во јавниот повик.
Ова не е прво ветување дека на оваа крстосница ќе се гради кружен тек. Тој се најде во изборната програма и на претходната градоначалничка Данела Арсовска, но и на градоначалникот Стојкоски на изборите во 2021 година. И пет години подоцна проектот не е мрднат од место.
Сепак, Град Скопје во времето на Арсовска, поточно во февруари 2023 година започна со проектирање на два поврзани проекти, а тоа е нов кружен тек и булеварско решение на „Македонска војска“ во Ѓорче Петров.
Со изградбата на овој кружен тек ќе се растовари сообраќајниот метеж на оваа раскрсница, а воедно ќе се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот. Со проектот е планирана изградба на кружен тек и коловозна површина од 11.700 метри квадратни, изградба на нова велосипедска мрежа од 2.700 метри квадратни и пешачка патека од 4.100 метри квадратни. Важно е постојано да се подигнува и ново зеленило, садници и партерно уредување, затоа е предвидена нова зелена површина на 2.000 метри квадратни, со соодветно јавно осветлување и водоводна мрежа – соопшти тогаш Арсовска.
Ниту кружен тек ниту проширување на „Македонска војска“ досега нема.
Сепак, според граѓани што живеат во тој дел од Ѓорче Петров има раздвиженост покрај улицата во близина на крстосница.
На поминување кај паркот во Ѓорче Петров наидов на неколкумина работници, кои нешто мереа и сликаа на улицата „Македонска војска“ и на тротоарите и на тревниците. Ме интересираше што прават, па ги прашав, кажаа дека мерат за проширување на улицата, која веројатно ќе стане булевар со по две ленти, ќе се приклучува на кружниот тек кај црквата „Св. Петар и Павле“ на едната страна, а на другата страна до улицата каде што се сече со булеварот Ѓорче Петров ќе се градел нов кружен тек. Го поздравувам урбанизирањето и напредокот на општината, но сум активистка за чист воздух и сметам дека урбанизацијата не треба да биде на штета на зелените површини – вели Марија Н., жителка на Ѓорче Петров.
Како што објаснува таа, бидејќи ознаките што работниците ги исцртувале со спреј влегувале во паркингот лоциран паралелно со паркот, побарала објаснување дали ќе „настрадаат“ постојниот дрворед и зеленилото, но одговорот бил дека ќе останел дрворедот како средишно зеленило на булеварот.
Малку ме загрижува што таа прометна улица значително ќе се доближи до самиот парк, но останува да се надевам дека одговорните за изградбата смислиле нешто паметно и ќе биде безбедно за жителите и секако за најмалите кои поминуваат многу време во паркот – вели таа.
Јавен повик за проширување на улицата „Македонска војска“ и нејзино прераснување во булевар сѐ уште нема, распишан е тендер само за кружниот тек. Но за да се изведе кружниот тек би требало да се прошири и влезот во оваа улица. Можеби тоа ќе биде првиот чекор кон идното булеварско решение зацртано и во Генералниот урбанистички план од 2012 година.
[https://www.slobodenpecat.mk/prviot-tender-neuspeshen-raspishan-nov-se-ushte-se-cheka-kruzhen-tek-namesto-semafori-na-krstosnicata-vo-gjorche-petrov/]