06.02.2026
БУЛЕВАР ЦВЕТАН ДИМОВ КОНЕЧНО ОДИ НА РЕКОНСТРУКЦИЈА: Стартуваат подготовки за еден од најголемите сообраќајни проекти во Чаир
Оваа година се очекува почеток на активностите за реконструкција и проширување на улицата „Цветан Димов“ во Чаир, еден од најоптоварените и најпроблематични булевари во Скопје, каде секојдневно се создаваат сообраќајни гужви.
Проектот доби зелено светло од Советот на Град Скопје, а за неговата реализација ќе биде потребна експропријација на околу дваесет објекти. Обврската за експропријација и финансирање на проектот ја презема Град Скопје, додека Општина Чаир ќе биде задолжена за изработка на проектната документација, преку воспоставена меѓуопштинска соработка.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека станува збор за комплексен и долг процес, кој нема да заврши за неколку месеци, бидејќи прво треба да се расчисти трасата и да се завршат сите административни и теренски подготовки.
Од Општина Чаир, градоначалникот Изет Меџити нагласи дека за проектот нема компромис, бидејќи „Цветан Димов“ е главна сообраќајна артерија на општината. Тој посочи дека објектите што ќе бидат отстранети ќе бидат обесштетени, а за таа намена е обезбеден буџет од 2 до 3 милиони евра.
Проектот опфаќа делница од крстосницата со улицата „Никола Карев“ до крстосницата со „Џон Кенеди“, со вкупна вредност од околу 150 милиони денари. Реализацијата е планирана во периодот од 2026 до 2028 година и ќе вклучи ново сообраќајно решение, зачувување на зеленилото и уредување на централниот појас.
[https://faktor.mk/bulevar-cvetan-dimov-konechno-odi-na-rekonstrukcija-startuvaat-podgotovki-za-eden-od-najgolemite-soobrakjajni-proekti-vo-chair]