Конкурс за идејно решение на административна зграда на Општина Центар – Скопје
Општината Центар спроведе конкурс за идејно решение на административна зграда бидејќи станува збор за јавна инвестиција и програма, која ги засега сите жители на Општината и на градот Скопје. Со конкурсот потребно беше да се добие функционално, современо, стилски автентично, конструктивно, рационално и економски исплатливо решение на новата административна зграда за општинската администрација кое ќе има потенцијал за реална изведба.
Крајниот рок за предавање на трудовите беше во септември минатата година, а по еден месец беа објавени и резултатите на конкурсот. На 4 март 2025 година, се одржа архитектонска презентација насловена „Општина За Нас“ во КСП Центар – Јадро во организација на Општина Центар. На оваа презентација беа изложени 12 трудови од влупно пристигнатите 13, а посетителите имаа можност да ја видат до 11 март 2025 година.
ПРЕДМЕТ НА КОНКУРСОТ
Во градежната парцела помеѓу улиците „Орце Николов“, „Михаил Цоков“ и булеварот „Илинден“, која е предмет на конкурсот дадена е рамковна површина за градба во која требаше да се предвидат три засебни функционални целини.
Во првата функционална целина да се предвиди сместување на општинската администрација и работни простории на подрачните одделенија / единици. Во втората функционална целина (во еден или во повеќе објекти) простории за комерцијални и деловни намени, и за намени од областа на културата. Двете функционални целини треба да бидат поврзани во подземно ниво со заеднички паркинг-простор. Третата функционална целина ја претставува објектот во којшто во минатото беше сместена Управата за водење матични книги, за кој во расписот се бараше да се задржи во постојна состојба.
Во моментов Општината е сместена на истата локација во времени објекти – бараки поставени по катастрофалниот земјотрес од 1963 година во коишто е сместена администрацијата на локалната самоуправа Општина Центар – Скопје и подрачните единици на неколку државни институции, распределени во седум приземни објекти и во еден објект со високо приземје (во којшто во минатото беше сместена Управата за водење матични книги, а денес е сместен Младинскиот центар, Матично и Сојузот на извидници). Градежниот фонд не е во добра состојба, земајќи го предвид времениот карактер на објектите кои на локацијата егзистираат 60-ина години, како и современите потреби за административно работење и сервис на граѓаните.
ЦЕЛИ НА КОНКУРСОТ
Поради наведеното конкурсот се распиша со цел да се создадат просторни услови за рационализација и за подобрена ефикасност на работата на институцијата, преку поттикнување на современа интерпретација на институцијата, отворена и пристапна, меѓутоа и за да се решат актуелните проблеми со стационарниот сообраќај (настанати со половична реализација на претходни плански решенија), како и со недостигот на содржини неопходни за секојдневното функционирање на непосредното опкружување.
Вкупната нето-изградена површина на административно-деловниот комплекс предвиден со конкурсот, треба да изнесува околу 5.960 квадратни метри, од кои 4.000 квадратни метри треба да изнесува првата функционална целина (административната зграда на Општината), без вклучен подземен паркинг-простор. Додека останатите 1.960 метри квадратни припаѓаат на втората функционална целина (комерцијално-деловната градба), а компатибилнте класи на намени во однос на основната класа на намена не смее да надминат 49 %.
ПРОЕКТНА ЗАДАЧА
Со оглед дека општинската зграда како институција на локалната самоуправа го дефинира општествениот стандард, новиот објект треба да претставува институција која преку архитектонскиот јазик ќе воспостави блискост и идентификација на граѓаните на Општината и на градот Скопје.
Основните барања на проектната задача укажуваа дека сите функции треба да бидат добро организирани, но да не ја ставаат во сенка основната јавна функција – општинска зграда.
Дополнително, конкурсното решение требаше да ги понуди следните содржини: полујавен простор – плоштад, парковско решение со фокус на влезниот портал од Учителската школа, рационално сообраќајно решение, дефинирани безбедни пешачки движења во рамки на парцелата и околу неа, како и соодветни по позиција, со пристап за возила, пешаци и за велосипеди. Исто така и да предвиди фазна реализација на двете функционални целини.
Прва фаза е објектот каде што ќе биде сместена општинската администрација и работните простории на подрачните одделенија и подземниот паркинг.
Втора фаза (која потенцијално ќе се изведува во зависност од можностите), реализација на простории со комерцијални и деловни намени, и со намени од областа на културата.
Од конкурсните трудови се очекуваше да понудат интегрално решение на финално реализираниот комплекс и комплетно партерно решение при реализација на првата функционална целина – независно и непречено функционирање на едната функционалната единица до реализација на другата.
Програмата бараше и полујавниот простор – плоштадот да биде во комуникација со влезниот хол во административната градба, со салата на Советот и со порталот од Учителската школа. Тој простор треба да ја презентира Општината како отворена за граѓаните, зелена, динамична и современа, но и општина која го почитува своето историско наследство.
На конкурсот пристигнаа 13 труда кои се разгледуваа, анализираа и евалиураа од жирито на конкурсот. Комисијата работеше во состав: проф. д-р Огнен Марина, д.и.а.; Сашко Иванов, д.и.а.; проф. д-р Мишко Ралев, д.и.а.; Валентино Константиновски, д.и.а.; Танкица Христова-Спасовска, д.и.а.; Наташа Тодоровска-Пренк, д.и.а. и Игор Котларовски, д.и.а. По пат на елиминација, а сè според толкувањата на критериумите, по темелната проверка членовите на Комисијата доделија три награди по следниот редослед: „СЦЕНА“; „НАМАТ“ и „ЧКЛАБ“.
Наградите изнесуваа 750.000 денари за првото место, 400.000 денари за второто место и 300.000 денари за третото место.
Во образложението Комисјата напонема: „Сите овие наведени трудови се одликуваат со висок степен на почитување на просторните ограничувања дефинирани преку просторните критериуми од Деталниот урбанистички план, проектната задача и сообраќајните регулативи. Секако дека издвоените трудови за награди ги исполнија и останатите зададени критериуми – програмските економските, естетските и еколошките“.
ПРВА НАГРАДА


ВТОРА НАГРАДА
Втората награда се додели на трудот под шифра „ЧКЛАБ“ на бирото ПЛАТФОРМА ДОО Скопје“, автори: Емил Јегени, Елена Икономов, Веле Богоевски, Јасна Милојковиќ-Муратовска, Ана Галевска-Момировска, Јосиф Николовски, Ѓоре Миров, Матеа Јегени


ТРЕТА НАГРАДА
Трета награда е доделена на трудот под шифра „СЦЕНА“ на авторите Митко Хаџи Пуља, Никола Стрезовски, Христина Саљамовска-Трајкова и Теодора Илиевска.


[https://www.porta3.mk/konkurs-za-idejno-reshenie-na-administrativna-zgrada-na-opshtina-centar-skopje/]